Лидерот на босанските Срби, Милорад Додик е главната пречка на европскиот пат на Босна и Херцеговина, а сите негови изјави дека е посветен на евроинтеграциите се лажни, ова е обвинението кое денеска на адреса на Додик го испрати Американската амбасада во Сараево.
„Главната пречка за европската иднина на Босна и Херцеговина е Додик и неговата деструктивна политика“, се вели во соопштението објавено на официјалниот профил на амбасадата на мрежата „Икс“.
Острите критики следат откако Додик најави дека нема да дозволи до крајот на неделава Домот на народите, едно од двете тела на Парламентот на БиХ да го усвои законот за спречување перење пари и борба против тероризмот, иако БиХ, доколку е така, ќе заврши на „сивата листа“ на земји кои не преземаат неопходни мерки за спречување криминални активности.
Претставничкиот дом на Парламентот на БиХ веќе го усвои тој закон, но Додик ја дава својата потврда во Домот на народите, каде неговите претставници имаат контролен пакет во клубот на Србите, условен со усвојување на други закони кои ги смета за важни за Република Српска, како што е новиот закон за Уставен суд.
Американската амбасада оцени дека Додик со тоа продолжува да ја практикува политиката на блокада и уцена додека се обидува да ги обвинува другите за недостигот на напредок.