ШВЕДСКИОТ синџир облека H&M ги објави плановите за повторно отворање на своите продавници во Украина, иако земјата продолжува да се соочува со руската инвазија, која започна пред околу 18 месеци.
„Компанијата е во близок дијалог со партнерите и властите и сега планира постепено повторно да ги отвори повеќето свои продавници во Украина од ноември оваа година“, соопшти компанијата со седиште во Стокхолм. Ова соопштение дојде токму денеска, кога Украина го слави Денот на независноста.
Компанијата која е сопственик на Zara, Bershka и Pull&Bear се очекува повторно да ги отвори своите продавници наесен
Многу други западни корпорации, како што е синџирот ресторани за брза храна Мекдоналдс, веќе продолжија со работа во Украина. Според медиумите, шпанската групација Inditex, сопственик на брендовите Zara, Bershka и Pull&Bear, се очекува повторно да ги отвори своите продавници на есен.
Пред војната, странските брендови имаа удел од речиси 60 отсто од малопродажниот пазар, според учесниците во индустријата. Како и многу други меѓународни групи, H&M ги затвори сите девет свои продавници во Украина откако Русија ја нападна соседната земја на 24 февруари 2022 година.
H&M: Безбедноста на колегите и клиентите секогаш ќе биде наш најголем приоритет
Шведската компанија не прецизираше кои продавници први ќе се отворат во Украина. „Додека Групацијата H&M продолжува да ги следи случувањата во таа земја, во тек се подготовки за повторно отворање на поголемиот дел од продавниците на H&M каде што е можно“, се вели во соопштението.
„Безбедноста на колегите и клиентите секогаш ќе биде наш највисок приоритет“, нагласуваат тие во соопштението. Покрај донациите на H&M најавија и дека ќе соработуваат со локални организации и ќе учествуваат во програми за помош и реконструкција. Првата продавница на H&M во Украина беше отворена во Киев пред речиси пет години.