,,Je suis Marine“ – Додик огорчен од пресудата за Ле Пен: „Таа ја плаќа цената затоа што има поддршка од народот – исто како мене“ (ФОТО)

Претседателот на Република Српска, Милорад Додик, изјави дека пресудата против лидерот на десничарската француска партија Национален митинг, Марин Ле Пен, како и во неговиот случај, е донесена за политика, а не врз основа на законот.

x AP Thibault Camus.jpg

„Марин Ле Пен е осудена затоа што е закана за системот кој не знае да губи. Како и во мојот случај, пресудата не е донесена поради законот, туку поради политиката. Таа, како и јас, ја плаќа цената затоа што ја има поддршката од народот, која не може да ја добие на изборите“, напиша Додик на социјалната мрежа „Х“.

Според него, судовите, во неговиот случај, како и на Ле Пен, станале „алатка на оние кои се плашат од демократијата, бидејќи знаат дека не можат да успеат против неа на фер избори“.

„Затоа се обидуваат да не избришат со пресуди, а не да не поразат со аргументи. Кога ќе престанете? Додека не го осудите последниот демократски лидер? Je suis Marine“, напиша Додик.

Судот во Париз ја прогласи Ле Пен за виновна за злоупотреба на средствата на Европскиот парламент и и забрани пет години да се кандидира за јавна функција.

На крајот на февруари, Судот на Босна и Херцеговина (БиХ) донесе првостепена пресуда против Додик, со која го осуди на една година затвор и шестгодишна забрана за вршење јавна функција поради неисполнување на одлуките на високиот меѓународен претставник во БиХ. Од 27 март, кога го напушти Израел, каде што присуствуваше на конференција за антисемитизам, не се знае каде се наоѓа Додик и оттогаш тој се рекламира преку Х.

Судот на БиХ побара од Интерпол да му издаде црвена потерница, бидејќи, како што се наведува, тој е недостапен за правосудните органи на БиХ, кои го товарат за „напад на уставниот поредок“.