WhatsApp ќе им овозможи на корисниците да ги уредуваат и коригираат испратените пораки

Апликацијата WhatsApp ќе им овозможи на корисниците да корегираат, „уредуваат“ пораки во рок од 15 минути по испраќањето.

Оваа новина е воведена со цел апликацијата да биде во чекор со своите конкуренти – апликациите Viber, Telegram и Signal, јавува Би-Би-Си.

„Од корекција на едноставна правописна грешка до додавање дополнителна содржина на пораката, возбудени сме што ќе ви донесеме поголема контрола врз вашите разговори. Се што треба да направите е долго да притиснете на испратената порака и да изберете „Уреди“ од менито до 15 минути по испраќањето на пораката“, соопштија од компанијата. 

Изменетите пораки ќе бидат означени како „уредени“, така што примателите ќе можат да видат дека содржината е променета.

Услугата наводно ќе биде достапна во следните неколку недели.

WhatsApp е дел од американскиот гигант Мета, кој ги поседува и Facebook и Instagram.
Минатата година, Твитер платформата на Илон Маск објави дека на своите претплатници им дава можност да ги уредуваат своите твитови неколку пати во рок од 30 минути по објавувањето, велејќи дека тоа „ќе го направи твитувањето подостапно и помалку стресно“.