Финскaта премиерка поканета на Sea Dance фестивалот во Будва

0

Организаторите на фестивалот во Будва решија да ја поддржат Сана Марин откако таа се соочи со обвинувања за непримерно однесување на забава на која танцуваше со пријателите.

Основачот на „Егзит“, Душан Ковачевиќ, ја покани финската премиерка Сана Марин на овогодинешниот фестивал „Си Денс“, кој се одржува во Будва, а во име на организаторите ја поддржа во медиумското лудило против неа во последните недели по видео снимките на социјалните мрежи на забава на која таа заигра со пријателите, пренесува Хина. Марин, која на крајот на 2019 година стана најмладиот шеф на влада во светот, се согласи да направи тест за дрога по објавувањето на видеата, велејќи дека никогаш не се дрогирала и дека не видела некој да го прави тоа на забавата на која што присуствувала. Таа потоа се извини за снимките што протекоа од приватна забава што ја организираше во официјалната резиденција минатиот месец.

Во поканата до финскиот премиер, основачот на глобално популарниот новосадски фестивал Exit, чиј дел е и Sea Dance, на Инстаграм рече дека би сакал Марин да го посети не само Sea Dance, кој се одржува на плажа во близина на Будва во август, но и Егзит во јули следната година.

„Енергијата и позитивниот став се добредојдени“

Ковачевиќ истакна дека нејзината „енергија и позитивен став се добредојдени на сите фестивали „Егзит“. Викендот на фестивалот Sea Dance е дефинитивно потопол од викендот во Хелсинки“, напиша Ковачевиќ. Тој оцени и дека „со јавните личности границите на приватниот и јавниот живот се флуидни, но сигурно е дека имаат право и на слободно време, забава и добро време“, тврдејќи дека такво време е сигурно и на See Dance. . „Ова ќе биде и одлична можност Сана Марин да се увери во вистинитоста на приказните за балканското гостопримство и позитивната енергија на која многумина се враќаат“, заклучува Ковачевиќ во пораката до финскиот премиер.