Германско-македонски проект за подигнување на свеста за загадувањето

Проектот CleanBREATHE, истражување за загадувањето на воздухот со помош на технички и едукативни решенија, има за цел да го направи загадениот воздух видлив и да иницира долгорочни промени во однесувањето на општествените чинители, информираат од О2 Иницијатива, здружение кое се залага за зголемена свест за аерозагадувањето и неговото намалување преку системски пристап.

Проектот се одвива помеѓу германскиот Магдебург-Стендал Универзитет и македонскиот ФИНКИ при УКИМ, каде се вклучени креаторите на платформите за визуелизација на аерозагадувањето, Pulse. Eco1 и AirCare2 и О2 Иницијатива.

Целите на проектот се: создавање граѓанска свест и одржливо приспособување на однесувањето во две земји (Република Северна Македонија и Германија) како модел за цела Европа, преку пристап на науката за критички дизајн, потоа дизајнирање и планирање на сензорски мрежи, нови пристапи за сензори за мобилни уреди и алгоритми за предвидување на вештачката интелигенција.

Освен тоа, проектот има за цел развивање на нови деловни модели кои треба да помогнат на бизнисите со однесување свесно за животната средина.

– CleanBREATHE ќе организира работилници за граѓаните и студентите за подигање на свеста за темата и зголемување на учеството во процесот на собирање податоци, известуваат од О2 Иницијатива.

Од здружението соопштуваат дека во декември минатата година, била реализирана заедничка работилница со 16 студенти од Германија и Северна Македонија, која создала идеи за јавна инсталација што може да се искористи за подигање на свеста за загадувањето на воздухот во германскиот град Магдебург и Скопје.