СТРАШНО НЕВРЕМЕ – Силно торнадо опустоши неколку држави во САД, има и загинати: Погледнете го моментот кога се урна покрив на театар во Илиноис (фото/видео)

Силно торнадо го погоди главниот град на Арканзас во Соединетите Американси Држави (САД), Литл Рок. Засега е познато дека две лица го загубиле животот, а триесетина од нив се хоспитализирани. 

Гувернерката на Арканзас, Сара Хакаби Сандерс потврди дека две лица загинале. Таа додаде дека тоа се случило во градот Вин, на околу 160 километри од Литл Рок.

Покрај тоа, округот Пуласки – наслеба во тешко погодениот главен град на Арканзас, Литл Рок – потврди за AFP трет смртен случај.

Околу триесет луѓе беа пренесени во болниците во градот“, им соопшти на новинарите Френк Скот, градоначалникот на Литл Рок.

Торнадото зад себе остави пустош со превртени автомобили, откорнати дрвја, скршени телефонски столбови и уништени домови.

Потврдено е дека уште едно лице го загубило животот во Илиноис откако се урнал покрив на театар во Белвидер. Според локалните пожарникари, во моментот на уривањето, во театарот „Apollo Belvidere“ имало околу 260 луѓе, додека таму било во тек концерт на хеви метал бенд, објавија тамошните медиуми. Шон Шедл, раководител на пожарникарите во Белвидер, пријавил еден смртен случај и 28 повредени, вклучително и пет хоспитализирани со сериозни повреди.

Во државата Илиноис, поради временските услови беа откажани и неколку летови од меѓународниот аеродром во Чикаго, а на луѓето им било соопштено да се засолнат во аеродромските тунели и да бидат внимателни.

Во државата Арканзас е на сила вонредна состојба, а десетици илјади луѓе се без струја. CNN објави дека речиси 300.000 жители се без струја во државите погодени од торнадото.

Мисури исто така прогласи вонредна состојба. Метеоролозите предвидуваат торнада, голем град и штетни ветрови за Арканзас, јужен Мисури, западен Кентаки и Тенеси.

Ново предупредување за торнадо е издадено во југоисточна Индијана, северен Кентаки и западен Охајо, кој ги опфаќа градовите Дејтон и Синсинати.

Се очекуваат неколку торнада, удари на ветер со брзина од околу 115 километри на час и град со големина на јајце. Досега имало 30 извештаи за торнада низ пет американски држави.