– Најмалку 22 Палестинци, вклучувајќи и деца, се убиени, а голем број се ранети во нападите што израелските сили ги изведоа во блокираниот Појас Газа.
Во вестите на палестинската официјална агенција ВАФА се наведува дека Израел извршил напади врз различни делови на Хан Јунис, вклучувајќи и напад врз бегалски камп.
Во вестите се наведува дека во нападите се убиени 20 лица од семејствата Микдад, Ен-Наџар и Ел-Амуди во Хан Јунис, и притоа повредени се голем број луѓе, информирајќи дека меѓу убиените има и деца.
Две деца од семејството Фетаир се убиени во израелскиот напад на регионот Деир ал-Балах во Појасот Газа.
– Израелските напади на Појасот Газа
Израел започна немилосрдни воздушни и копнени напади на Појасот Газа со неселективно бомбардирање на цивилните населби, станбените објекти, џамии, цркви и болници по неочекуваниот напад од страна на Хамас на 7 октомври.
На 24 ноември, во 7:00 часот по локално време, стапи на сила четиридневната хуманитарна пауза договорена меѓу Хамас и Израел, која потоа беше продолжена за уште три дена.
На 1 декември (петок), по завршувањето на хуманитарната пауза, израелската војска продолжи со своите интензивни напади низ Појасот Газа.
Од почетокот на израелските напади на Појасот Газа на 7 октомври досега се убиени 18.412 Палестинци, а ранети се над 50.100 лица, објавија здравствените власти на палестинската енклава.
Меѓу убиените најмалку 8.000 се деца, а 6.200 се жени.
Официјалната бројка на загинати во Израел изнесува 1.200, при што, според зборовите на пилот на Израелските вооружени сили, можно е дел од загинатите Израелци да се жртва на примената на „Ханибаловиот протокол“ од страна на израелската војска.
„Ханибалова директива“ или „Ханибалов протокол“ е контроверзна процедура што ја користат Израелските одбранбени сили (ИДФ) со цел да се спречи киднапирање на израелските војници од страна на непријателските сили. Според оваа директива, „киднапирањето мора да се запре со сите средства, дури и по цена на напад и елиминирање на киднапираните“. Овој протокол од страна на Израел е воведен во 1986 година.