Дебата помеѓу кумановските гимназијалци „Меѓуврсничко насилство, зошто?“

„Меѓуврсничко насилство, зошто?“ е насловена дебатата која денеска е одржа во кумановската гимназија „Гоце Делчев“ на која средношколците дебатираа како да се справат со заканите кои доаѓаат од врсниците и како да се спречи оваа појава. Темата ја иницираа самите ученици и ова е еден од начините да зборуваат за неодамнешните случувања во Белград.

Учениците укажаа на булингот кој најчесто се случува на социјални мрежи, професорите предлагаат во специјалните тимови да се вклучат и родителите. И учениците и наставниците се сложуваат дека е потребно суштинско, системко решавање на проблемот со меѓуврсничкото насилство.

– Ги бараме причините зошто се случува тоа, но и како да се решат тие проблеми, што е она што ги тера децата да бидат насилни кон другите, да ги вознемируваат, потценуваат, да ги исмеваат, децата се чувствуваат небезбедно, непријатно, загрозено и да се појавуваат и многу психолошки проблеми кај нив кои знаат вешто да ги кријат, тоа родителите не можат да го препознаат, не можеме и ние. Мислиме дека е најдобро вака преку разговор, затоа што има многу теми на кои тие сакаат да разговараат, а нема услов, освен класен час, обично колегите си предаваат тоа што треба и учениците мислам дека понекогаш едвај чекаат да имаме ваква дебата. Не само што ние разбираме од нив како живеат, туку и ние учиме од нив како самите како професори, педагози и родители како да се справиме со нивните проблеми, кои во исто време се и наши проблеми. Петминутен разговор, е она што е потребно да се увиди дали има нешто да се пожали, пофали, вели професорката Ангела Петковска.

Професорите и учениците се сложуваат дека се повеќе се подзаборава воспитната дејност од училиштата. Новото време наметна нови потреби, родителите се раснати во друг систем скоро немоќни да се прават со предизвиците на новиот систем. Училиштето не треба да е место на испрашување и оценки, воспитната компонента треба да се врати и прифати на широки врати.

– Многу почесто вакви дебати да имаме разговори, предавања од страна на психолошко-педагошката служба, класниот час секогаш да биде искористен за разговор и решавање на вистински проблеми на учениците и институциите многу посериозно треба да ги сфатат овие проблеми, затоа што тие за нас треба да функционираат, особено овие мали деца, тие се наша иднина, и сега ако одгледаме една нездрава генерација која е незадоволна, исфрустрирана, агресивна, веќе станува и опасно во какво време ќе живеат тие деца и со какви деца ние ќе градиме иднина и мислам дека треба сите да бидеме вклучени. Навистина е алармантна ситуацијата, додава Петковска.

Со неа се сложува и искусниот професор по социологија Зоран Петрушевски, кој вели дека пред извесен период вакви настани немало на Балканот.

– Сега страдаат младите кои се пуштени во ова време, хаос да се снаоѓаат, што да прават родителите, кои се воспитувани на еден начин, сега тие треба да ги воспитуваат своите деца а не знаат ни тие. Има млади кои се целосно свесни за оваа состојба, социјални мрежи, одење, комуницирање, но има луѓе кои не знаат што да прават, гледаат хаос, кој е и во нивните животи, нивните деца се товар. Тоа прави голем проблем кај нас. Насилството е секаде околу нас, кај нашите соседи се случи екстремен случај сите се возбудуваме и што да правиме. Ние ќе работиме, по училиштата, ќе разговаравме родителите дома. Мислам дека ударот треба да биде на родителите, не толку на децата. Ако правиме групи за поддршката, нив треба да ги образуваме, воспитаме тие го имаат најголемиот проблем. Со децата е видливо со родителите не е толку вели Петрушевски.

Според него важно е системското решение и институциите да работат на заедништвото, враќање на некои подзаборевни норми и морални начела, за што е потребна суштинска реформа на целиот систем.