Израелците тврдат дека Газа е поделена: Сега има север и југ

Засилување на нападот најави израелската армија со порака дека Појасот Газа е пресечена на два дела – северен и јужен.

Израелската војска соопшти дека нејзиниот копнен напад врз Појасот Газа во неделата ја подели палестинската територија на два дела, а значајните напади продолжуваат во војната против Хамас.

„Израелските сили го опколија градот Газа… Сега има јужна Газа и северна Газа“, изјави портпаролот на армијата Даниел Хагари.

Од друга страна, од Хамас тврдат дека Израел интензивно ги бомбардира областите околу неколку болници во Газа по прекинот на телекомуникациите.

Тие, исто така, ги отфрлија како лага израелските тврдења дека Хамас користи болници како дел од својата воена машина и мрежа.

Најмалку 45 лица загинаа, а десетици се повредени во израелски напад врз бегалски камп во центарот на Газа во неделата. Портпаролот на израелската армија изјави дека истражуваат дали израелските трупи дејствувале во областа во тој момент.

Бројот на убиените Палестинци во Газа се искачи на 9.770 луѓе, меѓу кои 4.008 деца, според Министерството за здравство во Газа управувана од Хамас. На окупираниот Западен Брег, повеќе од 140 Палестинци се убиени во насилство и израелски напади.