Католичката црква во Франција им исплатила досега 7 милиони евра на жртви на сексуална злоупотреба

0

Француската католичка црква исплати околу 7 милиони евра како компензација на жртвите на сексуална злоупотреба, откако беше претставен извештај за тие злосторства во есента 2021 година, јави ДПА.

Од почетокот на 2022 година, 190 жртви во просек добиле отштета од 37.000 евра, објави во Париз независното тело создадено специјално за таа намена. Во 40 од случаите исплатен е максимален надомест од 60.000 евра.

Досега до специјалното тело се обратиле 1.133 жртви на сексуално насилство извршено од свештеници, а многу од случаите се уште се истражуваат. Повеќе од две третини од жртвите биле мажи.

Насилството извршено од страна на свештениците било врз малолетници кои биле на возраст меѓу 6 и 15 години. Во 60 проценти од случаите имало дури и силување. Во 58 отсто од регистрираните случаи насилството траело повеќе од една година.

Од 1950-тите, 216.000 деца и адолесценти биле жртви на католичкото свештенство во Франција, според извештајот претставен во 2021 година. Дополнително со институциите управувани од црквата, вкупниот број на жртви достигна 330.000. Пред објавувањето на извештајот, само мал дел од нив, сепак, побарале помош, откривајќи го својот идентитет.