МИЛАНОВИЌ – ДАВАМ ОСТАВКА, ЌЕ СЕ КАНДИДИРАМ ЗА ПРЕМИЕР: Драматични пресврти во Хрватска по објавувањето на датумот за избори закажан за 17 април

Овој петок во хрватскиот политички живот ќе остане запаметен како низа драматични настани.

Прво хрватскиот претседател Зоран Милановиќ најави дека изборите се во среда на 17 април и дека ќе биде неработен, а потоа следеше вистински шок. Милановиќ најави оставка и кандидатура за премиер на изборите.

Шансите на опозицијата предводена од Милановиќ се сосема реални и наредните денови ќе покажат кој ќе застане зад здружената опозиција што тој сега ќе ја предводи. Последната анкета, спроведена пред Милановиќ да зборува за ангажман, покажа дека ХДЗ и Обединетата левица се изедначени. Тоа би значело дека ќе одлучуваат неопределените или оние кои тешко се одлучуваат да гласаат, но сега се е сменето. Опозицијата немаше вистински лидер, бидејќи претседателот на СДП, Пеѓа Грбин, не е популарен, а сите останати немаат харизма да ја предводат новата влада. Милановиќ го има единствениот потенцијал да ги обедини и левицата и десницата, бидејќи до сега вешто ги балансираше сите политички опции. Очигледно, неговиот поттик бил изборот на главниот државен обвинител Иван Турудиќ, кого Милановиќ го навредувал и за кого тврди дека имал цел да ги прикрие работите на актуелната власт.