Од случајот за набавката на луксузниот мерцедес се спаси и екс-премиерот во азил Никола Груевски

По застарувањето на случаите „ТНТ“, „Траекториа“ и „Феникс“, поранешниот премиер кој пребегна во Унгарија ќе се спаси и од случајот „Тенк“, во кој беше осуден на 2 години затвор за набавка на луксузниот мерцедес од 600 илјади евра . На 4 октомври, како што пишува „Призма“, случајот ќе биде целосно застарен бидејќи, според Кривичниот законик, од изрекувањето на казната поминало двојно повеќе време од времето предвидено со законот.

Но, судбината на Груевски не ја делат поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и помошник министерот Ѓоко Поповски, кои беа осудени и веќе одлежаа затворски казни од 4 и 4 и пол години.

За случајот реагираа од коалицијата ВЛЕН. Отценуваат дека со директна интервенција на ДУИ во измените на Кривичниот законик, на Никола Груевски, поранешниот премиер и сакан политичар на Али Ахмети ќе му застаре уште една затворска казна.

По срамниот договор на обвинителство на Абази со Иџет Мемети, ова криминализирано раководство успеа да постигне уште една амнестија. Ова фијаско на валканиот правен систем е уште една потврда за Ахметовиот вирус инсталиран со години во судството, каде нивните владетели изградија заштитен ѕид околу себе, спасувајќи се меѓусебно од судска одговорност. Ова не е првпат ДУИ на чело со Али Ахмети да интервенира за да ги спаси неговите пријатели од затвор. Истата игра ја играа претходно и за архитектот на маките на Албанците, поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков. ДУИ, партија која со децении го манипулира народот со ветувања за реформи и евроинтеграции, е убиецот на секоја надеж за правда и подобра иднина“, велат од Коалицијата ВЛЕН.

Инаку, Груевски беше осуден на една и пол година затвор и за случајот „Насилство во општина Центар“, но делото за овој случај истекува во 2027 година. Исто така, поранешниот премиер треба да одлежи казна од 9 години за „Парцели на Водно“, сепак, со оглед на тоа што е осуден во отсуство, може да побара повторно судење од почеток.

Во меѓувреме, тој и понатаму останува обвинет во случаите „Талир 1“ и „Талир 2“ за кои исто така не се знае судбината дали ќе завршат, исто како и во случајот „Титаник“ за изборни нерегуларности. Истрагата е прекината за предметот за насилствата „27 април“ во Собранието.