ОПАСЕН ПОТЕГ НА ВЕЛИКА БРИТАНИЈА – Објавен тендер за набавка на моќни ракети за Украина: “Тие додаваат масло на оганот…“
Велика Британија и група европски земји имаат намера да испратат крстосувачки ракети со долг дострел во Украина, слични на ракетите што САД не сакаат да ги испратат на Киев, што ќе им овозможи на украинските воени сили да ги нападнат руските позиции на полуостровот Крим, пишува весникот The Guardian.
Велика Британија „тивко“ распиша тендер до западните производители на оружје за снабдување со ракети со дострел од 100 до 300 километри на Меѓународниот фонд за Украина, кој го води Данска, Холандија, Норвешка и Шведска. Скапите и висококвалитетни ракети Storm Shadow на европскиот производител на оружје MBDA имаат дострел од најмалку 250 километри и ги исполнуваат условите од споменатиот тендер.
Анонимен британски функционер изјавил за споменатиот весник дека ракетата ги исполнува условите на тендерот, но нагласил дека се уште не е одлучено дали да се испратат овие моќни ракети во Украина.
Украина долго време бараше ракети со долг дострел за да може да ги нападне руските позиции далеку од фронтот, но Белата куќа не сакаше да и испрати оружје со кое може да нападне цели на територијата на Руската Федерација.
Украинските воени сили широко ги користат американските ракетни лансери HIMARS со прецизно наведување, кои имаат дострел од 75 километри. Ракетните лансери ATACMS имаат дострел од речиси 300 километри, но американскиот претседател Џо Бајден не сака да му ги предаде на Киев бидејќи е загрижен дека Москва тоа може да го протолкува како потегот за ескалација на конфликтот.
Голема е веројатноста дека Велика Британија ќе и достави на Украина ракети со долг дострел без американско одобрение, а се чини дека дипломатијата ќе мора да работи прекувремено за да создаде услови таквите проектили да бидат испратени во Киев. Британскиот премиер Риши Сунак во февруари изјави дека Велика Британија ќе биде првата земја што ќе и обезбеди на Украина оружје со поголем дострел.
Украински извори изјавиле дека не се откажуваат од надежта дека конечно ќе добијат ракети со долг дострел. Лидерите на Украина најверојатно ќе треба да ветат пред да ги добијат ракетите дека нема да нападнат руска територија, туку ќе ги користат за време на претстојната офанзива. Киев постојано тврди дека сака да ги протера Русите од својата територија, вклучувајќи го и полуостровот Крим, кој Москва незаконски го окупираше во 2014 година.
Бен Хоџис, пензиониран генерал кој командуваше со американските сили во Европа, изјавил дека Црноморската флота на руската морнарица веќе би го напуштила Севастопол доколку Украина би имала проектили Storm Shadow. Пензионираниот генерал додал дека украинскиот претседател Володимир Зеленски и украинското воено раководство не би сакале да го налутат Западот користејќи ракети со долг дострел надвор од договорите и ветувањата.
Дури и ако Велика Британија и нејзините европски партнери се согласат да испратат ракети во Украина, набавката може да биде проблем за Меѓународниот фонд за Украина.