Пеколно темпо: Двојно повеќе загрозени видови од пред 15 години

0

Во 2022 година загрозени биле 16.900 животински видови, од нив најмногу се риби и морски суштества, а потоа водоземци, инсекти, мекотели, рептили, птици и цицачи.

Како никогаш досега и со загрижувачки рапидно темпо се зголемува бројот на загрозени животински видови. Стапката на загрозеност постојано расте, додека пак во споредба со состојбата од пред 15 години, денес има двојно повеќе загрозени видови.

Во 2022 година загрозени биле 16.900 животински видови, од нив најмногу се риби и морски суштества, а потоа водоземци, инсекти, мекотели, рептили, птици и цицачи.

Податоците на Меѓународната унија за конзервација и природа (ИУЦН) покажуваат дека најкритично влошување има во реките, езерата и океаните најмногу како резултат на штетното влијание на човекот и климатските промени.

Се повеќе видови се додаваат на Црвената листа на ИУЦН со зголемените закани врз природниот свет како што се дефорастацијата и загуба на шумите, загаденоста на океаните и се поголемата количина на микропластика, потоа криволовот и прекумерната експлоатација на дивиот свет, како и рапидното уништување на природните живеалишта.

Заклучно со минатата година најголем раст има кај загрозените видови на рептили или за 336% повеќе во споредба со 2007 година. Во базната година на ИУЦН на оваа листа биле регистрирани 7.850 животински видови.

Цицачите кои добиваат и најголемо внимание од групите за заштита на животните се меѓу помалку загрозените, односно нивниот број се зголемил за 22% во последните 15 години.

Научниците се загрижени поради екстремно брзото темпо со кое исчезнуваат многу инсекти, амфибии, мекотели и рептили, односно видови кои не се толку лесно забележливи или „популарни“ за човекот, но се од екстремно значење за одржување на еко-системите.

Црвената листа на ИУЦН е воспоставена во 1964 година и постојано се надградува со нови видови кои се набљудуваат и за кои се собираат податоци. Животинските видови кои биле исчезнати во дивината или севкупно вклучувајќи ги и вештачките резервати доколку се повратат преку различни видови на методи, повторно се вбројуваат во една од категориите на загрозеност.

Иако за одредени видови на листата има позитивен исход благодарение на мобилизирање на групите за заштита, сепак био-диверзитетот опаѓа, па така од проценетите видови истребување им се заканува на 41% од водоземците, 37% од ајкули и ражите, 36% од коралите, 34% од четинарите, 27% од цицачите и 13% од птиците.

TRT Balkan