Почна собраниската расправа за избор на Светлана Жупаноска за член на Советот на јавни обвинители

 Во Собранието денеска почна расправата за изборот на Светлана Жупаноска, судски соработник во Основниот граѓански суд Скопје, за нов член на Советот на јавни обвинители.

Пратениците на опозициската ВМРО-ДПМНЕ забележаа дека Собранието ги крши законите, бидејќи пред да заврши комисиската расправа по останатите предлог-кандидати, се става на гласање само предлогот за еден кандидат. Побараа веднаш да се прекине расправата за оваа точка, пред се, како што рекоа, затоа што не се исполнети законските критериуми. Посочија дека штом Жупаноска до Собранието не доставила документ дека е истакнат правник, нејзината апликација за член во Советот на јавни обвинители не е потполна.

Пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Лидија Петковска истакна дека „во моментот имаме еден од многуте веќе видени ситуации со кои насила се туркаат кандидати пред да заврши комисиската расправа по останатите предлог-кандидати“.

– Треба веднаш да прекинеме со расправа за оваа точка, пред се затоа што не се исполнети законските критериуми. Светлана Жупаноска не ги исполнува критериумите кои ги бара законот. Овој оглас треба веднаш да се укине како незаконски, да се отвори нов повик, да се запази процедурата и да се избере кандидат како што е ред, рече таа.

Нејзиниот сопартиец Здравко Трајанов се надоврза на резултатите на неодамнешната анкета спроведена од ОБСЕ и ДКСК на анкетирани 427 судии и 164 јавни обвинители, според кои, 75 проценти од фелата се изјасниле дека не веруваат во Судскиот совет и не веруваат во Советот на јавни обвинители. Тој посочи дека ова е најпоразителниот податок во состојбите во правосудството во државата. Потенцира дека самите инволвирани – судиите и јавните обвинители не веруваат во овие две тела, тогаш, како што рече, сме го достигнале дното.

– Овој конкурс на почитуватаната госпоѓа Жупаноска не може да помине. Зошто? Затоа што Законот за Советот на јавни обвинители јасно во член 32 јасно стои кои се условите за да биде избран било кој правник во Советот на јавни обвинители. Во тие услови кандидатот мора да биде професор, поранешен судија, меѓународен судија, адвокат и истакнат правник. Почитуваната кандидатка Светлана Жупаноска ги има дел од документите, меѓутоа нема документ дека е истакнат правник. Сите останати услови, претходно не била, судија, меѓународен судија, професор, адвокат, не ги исполнува. Таа може единствено да биде примена како истакнат правник. Жупаноска нема доставено документ дека е истакнат правник. А и не може да достави, затоа што таков документ не знаеме како изгледа. Никаде во законите во Република Македонија, ниту во стручната литература не е дефинирано што е истакнат правник. Госпоѓата го нема доставено тој документ, што значи дека нејзината апликација за член во Советот на јавни обвинители не  е потполна, рече тој. 

Пратеничка на ВМРО-ДПМНЕ, Благица Ласовска истакна дека за оваа анкета, Судски совет и Совет на јавни обвинители требаше колективно да си дадат оставка.

Пратеничката на СДСМ, Жаклина Лазаревска истакна дека тоа што Жупаноска доаѓа од СЈО, не значи дека била една од тие кои што извршиле извршиле некаква злоупотреба.

Рашела Мизрахи, пратеничка на ВМРО-ДПМНЕ објаснувајќи ја дефиницијата за истакнат правник рече дека тој е  доктор на науки кој што објавува трудови во дадената фела и е предавач.

Пратениците ќе продолжат со работа по оваа точка по дадената пауза од потпретседателот на Собранието, Горан Мисовски.