Првоосомничениот за убиството на малaтa Вања и Панчо првпат се појави во обвинителството: Најави дека нема да се брани со молчење

Љупчо Палевски-Палчо, првоосомничениот за убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, е приведен на распит во скопското обвинителство.

Обвинителката Жаклина Крстевска-Јосифовска првпат ќе го сослуша, откако беше екстрадиран од Турција, каде беше во бегство. Тој повеќе од три час е во обвинителството.

Палевски веќе кажа дека нема да се брани со молчење, а кога беше изведен на суд покажа дека има докази дека не е виновен за убиствата. Тој негираше каква било поврзаност, иако изјавите на осомничените и доказите што ги имаат во Обвинителството зборуваат поинаку.

Влатко Кешишов, Велибор Манев и Боре Видевски веќе се обвинети за две кривични дела убиство и киднапирање. За помагање се гони и Александар Ѓорески, таткото на убиената Вања.

Обвинението се заснова на усни и материјални докази за дејствијата на обвинетите, но бидејќи продолжува постапката против првоосомничениот, кој неодамна беше екстрадиран од Република Турција, Јавното обвинителство не може да соопштува детали за доказите.

Да потсетиме, 14-годишната Вања беше пријавена за исчезната на 27 ноември, а Панче од Велес на 24 ноември. Нивните тела беа пронајдени на 3 декември. Во врска со двата случаи осомничени се пет лица, од кои тројца (Влатко Кешишов, Велибор Манев и Боре Видевски) ја признаа вината.