Полициски службеници делеа летоци и ги потсетуваа возачите за опасноста од користење на мобилни телефони при управување со моторно возило. Акцијата е во рамки на заедничката кампања „Вози внимателно и одговорно“, чии носители се Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, Министерството за внатрешни работи и Факултетот за безбедност-Скопје.
Летоците кои се делеа на неколку локации во централното подрачје на Гостивар, содржеа пораки: „Не користи мобилен телефон додека возиш“ и „Секој човек може да почека“, кои се во функција на поголема лична и вкупна безбедност во сообраќајот.
-Ова, дотолку повеќе што зборувањето на телефон и пишувањето на пораки е опасно и ризично, го одвлекува вниманието на возачите и ги доведува во опасност да предизвикаат сообраќајни несреќи, наведуваат од СВР Тетово.
Од оваа кампања се очекува подигнување на сообраќајната свест и култура на возачите да се воздржат од користење мобилни телефони додека возат. На таков начин тие ќе бидат повнимателни и сконцентрирани.
За користење мобилни телефони при возење минатата година на подрачјето на СВР Тетово биле изречени над 500 законски предвидени мерки.