ПРИГОЖИН СЕ ОБИДЕЛ ДА ГО ПОВИКА ПУТИН, АМА ОД КРЕМЉ СТИГНА- „НЕТ“: Протеран е од Русија и претседателот нема да му прости!?

0

Ноќта пред бунтот на Пригожин, шеф на паравоената формација Вагнер го обвини руското Министерство за одбрана за нападот врз неговите борци, иако тој не презентираше докази за да ги поткрепи тврдењата. Пригожин особено го издвои рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу, нарекувајќи го „кукавица“ и „суштество што треба да се запре“.

Непосредно пред Пригожин да го прекине „пучот“, беше откриено дека претседателот на Белорусија Александар Лукашенко ги водел преговорите. Според официјални лица од Минск, очигледно тој бил оној кој конечно го убедил Пригожин да се повлече.

Ова го потврди портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, иако самиот Пригожин се уште не коментирал ништо. Според Песков, Пригожин „ќе оди во Белорусија“, а Русија ќе се откаже од кривичната постапка против него. Сепак, сè уште не е јасно што точно го чека Пригожин кога ќе пристигне во Белорусија.

Според независниот руски медиум Медуза, според едно лице блиско до Кремљ, руските власти започнале преговори со Пригожин во петокот на 23 јуни, кога тој го најавил почетокот на својот „марш на правдата“.

Военото раководство, персоналот на Кремљ и владините претставници се обидоа да преговараат со Пригожин – иако беше тешко да се знае точно за што воопшто треба да се преговара, со оглед на неговите постапки.

„Барањата на Пригожин беа нејасни и чудни. Тој сакаше да си замине Шојгу, сакаше автономија над работите на Вагнер и повеќе средства. Меѓутоа, по вооружениот бунт, немаше повеќе простор во системот за Пригожин. Во секој случај, тој би завршил во полоша состојба, дури и ако гарантираат дека ќе биде безбеден и дека групата на Вагнер ќе биде зачувана во одреден капацитет. Не сакаше да изгуби ништо“, рекол изворот.

Медуза претходно објави дека Кремљ првично се надевал да ја реши ситуацијата „релативно мирно“, но не успеал да постигне договор со Пригожин. Тогаш Кремљ им нареди на руските гувернери и политичари јавно да ги осудат постапките на Пригожин и да го прогласат за „предавник“. Путин зборуваше на националната телевизија, го нарече Пригожин „предавник“ и го осуди. Тој рече дека неговиот бунт е „удар на нож во грбот“. Се чини дека тоа ја отфрли можноста за мирно решение.

Одговорот на Пригожин пристигна веднаш, велејќи дека „претседателот направил длабока грешка“. Тој додаде дека „никој нема да се предаде на барање на претседателот, Федералната служба за безбедност или кој било друг“. Во тој момент, борците на Вагнер веќе го зазедоа Ростов на Дон и беа на пат за Москва.

Според извори на Медуза, до средината на денот на 24 јуни, Пригожин се обидел да стапи во контакт со Кремљ. Наводно, тој дури „се обидел да му се јави на Путин, но претседателот не сакал да разговара со него“.

Извори на порталот веруваат дека Пригожин веројатно сфатил дека „преминал предалеку“ и дека „мали се шансите неговата колона да продолжи да напредува“. Во тој момент неговите борци веќе се приближуваа до реката Ока, каде што руската војска и Националната гарда ја поставија својата прва линија на одбрана. И покрај тврдењата на Пригожин дека „половина војска“ е подготвена да му се придружи, Вагнер не доби дополнителна поддршка од војниците во првите часови од востанието.

Кремљ најверојатно сфатил дека пресметките на Пригожин се промениле, а потоа решил да избегне „крвав конфликт“ со Вагнер. Во последната рунда преговори наводно учествувале началникот на кабинетот на Кремљ Антон Вајно, секретарот на Советот за безбедност на Русија Николај Патрушев и рускиот амбасадор во Белорусија Борис Гризлов, додека водечката улога ја презел Лукашенко. Според еден извор близок до Кремљ, Пригожин инсистирал преговорите да ги вклучат и највисоките функционери.

На Пригожин му требаше трета страна од доверба за да го спаси лицето. Тогаш Лукашенко излезе на сцената. Ужива во публицитет, затоа и се согласил. Тој знае како да го искористи публицитетот и да стане тој што ќе ја „спаси Рсуија од крвопролевање или, уште полошо, од потенцијална граѓанска војна“, рече извор од Медуза.

Изворите на Медуза додаваат дека Пригожин на крајот изгубил во бунтот.

„Беше протеран од Русија и претседателот нема да му прости“, објасни еден извор. Иако допрва треба да се разговара за точните детали за иднината на Пригожин, тој „нема да го има истиот вид на влијание и ресурси како порано“.

Можеби ќе има промена на персоналот во руското Министерство за одбрана, „иако тоа би било поради внатрешни проблеми на министерството, а не поради барањата на Пригожин“.

На почетокот на востанието, рускиот генерал Сергеј Суровикин снимил видео во кое ги повикува војниците на Вагнер да се откажат и „да го решат проблемот на мирен начин“. Генерал-полковник Владимир Алексеев, исто така, го нарече потегот на Пригожин „убод во грб“ и „обид за државен удар“.