Путин: Пригожин одби да ѝ се приклучи на руската армија, Вагнер обучува белоруски војници

0

– Шефот на руската платеничка вооружена група „Вагнер“, Евгениј Пригожин ја отфрли понудата неговите борци да се приклучат на руската армија, изјави денеска рускиот претседател Владимир Путин.

Путин рече дека голем број команданти на руската армија го поддржале планот Пригожин да командува со тие луѓе, што било предложено на заедничката средба во Москва на 29 јуни, јави Би-би-си.

Сепак, Пригожин одговори на предлогот дека „неговите момци не се согласуваат со таквата одлука“, иако Путин наведува дека „многу офицери на Вагнер кимнувале со главите“ додека тој зборувал за предлогот на состанокот.

Припадниците на „Вагнер“ сега обучуваат војници во Белорусија, каде што се од крајот на бунтот против руските сили на 24 јуни, соопшти денеска Министерството за одбрана во Минск.

Министерството објави видео на кое наводно се гледа како припадници на „Вагнер“ тренираат белоруски војници на воен полигон во близина на градот Осиповичи, 90 километри југоисточно од главниот град Минск.

За време бунтот во јуни, трупите на „Вагнер“ неколку часа окупираа руски воен штаб во јужна Русија и патуваа неколку стотици километри кон Москва. Бунтот заврши со договор кој предвидуваше заминување на Пригожин во Белорусија.

Путин им понуди на борците на Пригожин да им се придружат на редовните руски трупи, да одат во Белорусија или да се демобилизираат.