Путин: Украина е виновна за авионската несреќа кај Белгород, ќе ги откријам наодите од истрагата

Рускиот претседател Владимир Путин денеска вети дека ќе ги објави наодите од домашната истрага за падот на воениот транспортен авион за кој Москва тврди дека е соборен од Украина, иако наводно била информирана во него има заробени Украинци.

Во првото јавно појавување од падот на авионот во средата, Путин потврди дека се пронајдени снимачите на параметрите на летот и разговорите на пилотот – „црните кутии“, пренесе Бета.

Тој го повтори она што го кажаа руските официјални лица: дека „сè било планирано“ за размена на руски за украински воени заробеници на денот кога воен Иљушин-76 со 65 украински затвореници се урна и изгоре во близина на село во руската област Белгород, недалеку од украинската граница.

– Иако го знаеја тоа, го нападнаа тој авион. Не знам дали тоа го направија намерно или по грешка, поради непромисленост, рекол Путин на средбата со студенти.

Според него, фактите од истрагата ќе бидат обелоденети „за да може украинскиот народ да дознае што се случило“.

Властите во регионот Белгород, кој се граничи со Украина, соопштија дека при падот на авионот загинале сите 74 лица во авионот – затвореници, шест членови на екипажот и тројца руски војници.

Путин не презентираше никаков доказ за да го поткрепи тврдењето дека Украина го соборила авионот. Овие тврдења ги изнесоа и други руски функционери.

Украинските власти не кажаа дали нивната војска го соборила авионот, но повикаа на меѓународна истрага.

Невозможно е да се проверат тврдењата на московските власти од независни извори.

Двете страни во војната често меѓусебно се обвинуваат за да го придобијат јавното мислење дома и во странство.

Уривањето на авионот предизвика лавина теории, но ниту една страна не потврди со ништо.

Украинските власти потврдија дека размената на затвореници била закажана за среда, но подоцна била откажана. Со тоа фрлија сенка на сомнеж врз тврдењето дека во Иљушин има затвореници. Тие сугерираа дека авионот можеби бил закана и рекоа дека Москва не барала некој дел од воздушниот простор да биде безбеден за летање во одредено време, што беше случај во претходната размена на затвореници.