Расте тензија меѓу руските сили и паравојската: Основачот на Вагнер го обвини Генералштабот за велепредавство

0

Основачот на руската паравоена група, Вагнер, во вторникот го обвини началникот на воениот штаб на неговата земја за „предавство“ затоа што не успеал, како што тврди, да им обезбеди оружје на своите платеници на фронтот во источна Украина.

Оваа изјава на претприемачот Евгениј Пригожин сведочи за зголемената тензија меѓу групата Вагнер и руската армија која се бори во Украина.

Тензијата стана очигледна во последниве недели додека руските сили се обидуваат да го заземат Бахмут, на исток, каде армијата и Вагнер тврдат дека напредуваат, понекогаш давајќи контрадикторни изјави.

„Началникот на Генералштабот и министерот за одбрана непромислено издаваат наредби со кои бараат не само да не и се испраќа муниција на паравоената група Вагнер, туку и да не им се помага со воздушниот транспорт“, налутено рече Пригожин на аудио снимката објавенa на неговиот Телеграм.

„Тоа не е ништо друго освен обид да се уништи Вагнер . Може да се спореди со предавство бидејќи Вагнер се бори за Бахмут, губејќи стотици луѓе секој ден“, додаде тој.

Руското Министерство за одбрана одговори во вечерните часови со соопштение во кое се опишани муницијата што ја испратила до „доброволците на нападните ескадрони“, како што војската ги нарекува луѓето на Вагнер.

Овие тензии се потврда за тешкотиите на кои наидоа руските сили три дена пред првата годишнина од офанзивата против Украина, која требаше брзо да заврши со заземањето на Киев, но непланирано се одолговлекува.

Во вторникот, Пригожин ја обвини главната команда дека забранува снабдување со „лопати за копање ровови“ на борците на Вагнер.