Министерот за внатрешни работи на Косово, Џељаљ Свечља, изјави дека криминалците мора да бидат казнети за да не се повторат нападите како оние во северно Косово минатата година, јави дописникот на МИА од Приштина.
На денешната средба со шефицата на тековните операции – Оддел за операции на Генералштабот на НАТО, Ариела Виехе, Свечља изразил загриженост поради, како што пишува на неговата страница на Фејсбук, „деструктивното однесување на Србија“.
На средбата се разговарало за безбедносната состојба во Косово, со акцент на северот на земјата, населен со мнозинско српско население.
– Ја изразив мојата загриженост за континуираното деструктивно однесување на Србија, како и за нејзиниот заканувачки јазик и постапки во однос на нашата Република. Ја истакнав важноста од казнување на насилните екстремисти и терористи, како гаранција за неповторување на нападите со кои се соочивме заедно со припадниците на КФОР, пишува Свечља.
Министерот за одбрана на Косово, Ејуп Маќедонци вчера на средбата со Виехе изјави дека НАТО треба сериозно да се однесува кон движењата на српските воени трупи околу границата со Косово. Тој нагласи дека распоредувањето на српските војници е закана за стабилноста на целиот Балкан.