„Сите за правично судење“: Со измените на Кривичниот законик застаруваат 14 судски предмети со над 80 обвинети

– Со донесувањето на измените на Кривичниот законик ќе се овозможи застарување на 14 судски предмети во кои се обвинети над 80 лица, според проценките на Коалицијата „Сите за правично судење“, што ја објави денеска на фејсбук, притоа напоменувајќи дека во оваа евиденција не се земени предвид случаите кои во моментов се наоѓаат во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈОГОКК).

Според Коалицијата, со измените кои беа експресно донесени во текот на вчерашниот ден ќе застарат следните случаи: ТНТ, Талир, Талир 2, Трезор, Тарифа, Дизајн, Топлик, Титаник, Тендери, Титаник 2, Траекторија, Шпански скали, Таргет/Тврдина, Предмет за Стевчо Јакимовски.

Собранието вчера ги донесе измените и дополнувањата на Кривичниот законик со 48 гласови „за“, 36 „против“ и еден воздржан. Измените предизвикаа реакции во јавноста бидејќи се однесуваат на членови што ги „ублажуваат“ казните кои тангираат функционери, службени и одговорни лица во јавни претпријатија и установи.

Според Владата, која овие измени ги предложи со европско знаменце, станува збор за усогласување со директивите на Европската Унија. За опозицијата, тоа е обид за амнестија на актуелните функционери во случај на промена на власта. Во меѓувреме, Канцеларијата на ЕУ во Скопје проверува дали е злоупотребено европското знаменце.