“ФОКУСИРАНИ СМЕ НА РЕФОРМИ, А НЕ ДАТУМИ“ – Европската комисија ‘контра’ тврдењето на Шарл Мишел за проширување на ЕУ до 2030 година
„Процесот на проширување на Европската унија се заснова на исполнување на критериумите неопходни за членство, така што Европската комисија не е фокусирана на датум, туку на поддршка на земјите-кандидати за спроведување на реформите“, изјави денес портпаролката на ЕК, Дана Спинант.
„Отсекогаш сме велеле дека проширувањето е процес заснован на заслуги, што значи дека земјите-кандидатки треба да влезат во ЕУ кога ќе бидат подготвени за тоа“, вели Дана Спинант, одговарајќи на новинарско прашање да го коментира излегувањето на претседателот на Советот на ЕУ, Шарл Мишел.
Во понеделникот, на стратешкиот Форум што се одржува во Блед, Словенија, тој ја спомена 2030 година како година кога може да дојде до натамошно проширување на Европската унија.
„За да бидеме веродостојни, верувам дека треба да разговараме за календарот и за домашните задачи. Имам предлог. Додека ја подготвуваме следната стратешка програма на ЕУ, треба да си поставиме јасна цел. Верувам дека треба да бидеме подготвени – од двете страни – за проширување до 2030 година“, кажа Шарл Мишел за време на обраќањето, а оваа изјава предизвика лавина од реакции и кај македонската јавност но и земјите од Западен Балкан.
Од Европската комисија, пак, велат дека не таргетираат датуми.
„Не сме фокусирани на датумот. Фокусирани сме на тесна соработка со земјите-кандидати за да бидат подготвени да влезат во Европската унија. Мора да се доближете се до регулаторните барања кои е важно да се исполнат пред да влезете во Европската унија“, порача Дана Спинант, потпаролка на претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен.
На прашањето дали верува дека Европската унија може да ги спроведе потребните внатрешни реформи за да може да прими нови членки, Дана Спинант вели дека не е нејзино да одговара на вакви прашања и дека лидерите на земјите-членки на ЕУ ќе се занимаваат со тоа на нивниот неформален самит во Гранада во Шпанија.
Во октомври, Европската комисија ќе го објави својот редовен пакет за проширување со извештаи за напредокот на земјите кандидати. Овие извештаи ќе бидат основа за дискусија и одлуки за идните чекори во проширувањето што се очекуваат на самитот во декември.
Од декемврискиот самит големи очекувања имаат поединечни кандидати, пред се Украина, која се надева на одлука за отворање на пристапните преговори, но и Босна и Херцеговина која ги има истите очекувања, а на овој самит ќе биде разгледувана и судбината на Македонија и Албанија.