Хутите ѝ пркосат на Америка: Нападнат уште еден товарен брод во Аденскиот залив! 

Јеменските бунтовници Хути повторно го нападнаа американскиот брод во Аденскиот залив!

Информацијата ја соопшти портпаролот на шиитското движење Јахја Сарија на ТВ каналот Ал Масира.

– Јеменската морнарица го нападна американскиот воен товарен брод Оушн Џез во Аденскиот залив – тврди Сарија.

Портпаролот на Хутите додаде дека јеменските борци продолжуваат да одговараат на каква било агресија на САД и Велика Британија врз Јемен и нагласи дека ќе продолжат да напаѓаат секој извор на закана во Црвеното и Арапското море.

Нападот на Оушн Џез е четврти од почетокот на американско-британските напади врз Јемен на 12 јануари.

Во средината на ноември, Хутите, како поддршка на Палестинците во Појасот Газа, почнаа да ги напаѓаат бродовите поврзани со Израел во Црвеното Море, што доведе до пад на бродскиот сообраќај низ Суец.

Соединетите Американски Држави, пак, најавија започнување на операција за заштита на поморството заедно со уште десет земји. Хутите, или Ансар Алах, предупредија дека го задржуваат правото да ги напаѓаат бродовите кои припаѓаат на западната коалиција.

Досега имаше неколку судири на море меѓу Хутите и американската војска.

На 12 јануари САД и Велика Британија извршија воздушни напади врз цели на Хутите во четири провинции во Јемен. Американскиот претседател Џо Бајден ја нарече операцијата одговор на заканата за слободата на навигација без да го исклучи продолжувањето на воената акција.

Хутите велат дека успеале да потонат американски воен брод во Црвеното Море како резултат на одмазднички ракетен напад.

Лидерот на јеменските Хути, Саид Абдул-Малик ал-Хути, неодамна го исмејуваше американскиот претседател Џо Бајден за време на телевизиско обраќање.