По речиси две децении минати на чело на англискиот премиерлигаш Челзи, рускиот милијардер Роман Абрамовиќ објави официјално вечерва дека го продава клубот од Лондон.
– Донесов одлука да го продадам Челзи, бидејќи верувам дека тоа е во најдобар интерес на клубот, навивачите и вработените, како и на клупските спонзори и партнери, соопшти Абрамовиќ преку официјалниот сајт на Челзи.
Абрамовиќ, кој стана сопственик на Челзи во 2003 година, нагласи дека продажбата на клубот нема да биде избрзана, а новите сопственици нема да имаат никакви финансиски обврски кон него, алудирајќи на информациите дека Челзи му должи околу две милијарди фунти.
– Ова за мене никогаш не беше прашање на бизнис или пари, туку чиста страст кон фудбалот и Челзи. Дополнително, му дадов инструкции на мојот тим да основа фондација во која ќе бидат донирани сите нето приходи од продажбата, а со средствата на краток и долг рок ќе им се помага на настраданите од војната во Украина, додаде Абрамовиќ.
Русинот изрази надеж дека ќе има можност за последен пат да го посети „Стенфорд бриџ“ за лично да се збогува со играчите и навивачите.
– Мора да знаете дека ова е неверојатно тежок момент и одлука за мене и оти чувствувам болка што ќе се разделам од клубот на овој начин. Се надевам дека ќе можам да го посетам „Стенфорд бриџ“ за последен пат и лично да се поздравам со сите. Ми беше чест и привилегија што бев дел од Челзи и горд сум на сите достигнувања, порача рускиот бизнисмен, во чија ера Челзи освои 20 титули, вклучувајќи пет во Премиер лигата (2005, 2006, 2010, 2015, 2017), две во Лига Европа (2013, 2019) и два трофеи во Лигата на шампиони (2012, 2021).