Австрија и Германија ги прекинаа спасувачките операции во погоденото подрачје од земјотресот во Турција поради „сè полошата безбедносна ситуација“.
Портпаролот на австриското министерство за одбрана Михаел Бауер објави на Твитер дека единицата на австриската војска за помош во катастрофи ќе биде на располагање за понатамошни спасувачки операции кога опкружувањето ќе биде безбедно.
„Безбедносните ризици на спасувачките операции се поголеми од шансите дека ќе спасиме некој живот“, кажа австрискиот потполковник Пјер Кугелвајс во соопштение и додаде дека „постои сè поголема агресија меѓу групите во Турција“, пренесува Ројтерс.
Германската Сојузна агенција за техничка помош исто така ги прекинала спасувачките операции, кои ги спроведувала во координација со турската Агенција за управување со катастрофи и вонредни ситуации, поради промената на безбедносната ситуација во регионот Хатај, пренесува Си-ен-ен.
„Во последните неколку часа безбедносната ситуација во регионот Хатај очигледно се смени. Има сè повеќе извештаи за судири меѓу различни групи. Германските тимови за потрага и спасување поради тоа ќе останат во заедничкиот базен камп на неодредено“, се наведува.
Франс прес јави за судири меѓу неидентификувани групи, како и дека австриските трупи се во камп со други меѓународни организации и чекаат упатства.
Турските власти не спомнуваат какви било немири во таа област, но претседателот Реџеп Таип Ердоган ја коментираше општата безбедносна ситуација, напоменувајќи дека е прогласена вонредна состојба и дека имало грабежи.
Кугелвајс кажа дека немало напади на Австријците кои учествувале во спасувачките операции и дека расположението меѓу хуманитарците е и понатаму добро.
„Би сакале да продолжиме да помагаме, но околностите се такви какви што се“, кажа потполковникот.
Околу 82 спасувачи на австриските оружени сили се наоѓаат во Антакија во Турција од 7 февруари, а благодарение на нив од урнатините се ослободени девет луѓе.