Автомобилите наскоро нема да имаат заден прозорец: Првиот таков модел на пазарот веќе во 2024 година
Можете ли да замислите да возите во автомобил без задно стакло? Верувале или не, првиот ваков автомобил ќе се појави на пазарот до крајот на 2024 година, а според инженерите кои се вклучиле во неговиот дизајн, ова решение ќе го промени погледот на возачот кон возењето, во секоја смисла на зборот.
Пазарот на автомобили брзо се менува: од година во година, дизајнот на новите модели станува сè пофутуристички, а нивната функционалност станува сè понапредна во однос на технологијата. Пред неколку години, производителите решија целосно да ја отстранат резервната гума од багажникот на автомобилот , за да ја намалат потрошувачката на гориво, а сега се најавува уште една голема промена, само што причината е малку поинаква.
Автомобили без заден прозорец? Да, добро прочитавте
Новиот дизајн на автомобилот го имплементираа инженери од шведската компанија Polestar. Нивниот најнов модел Polestar 4, кој би можел да се појави на пазарот до крајот на тековната година, за разлика од другите патнички возила на кои сме навикнати, воопшто нема да има задно стакло!
Наместо стакло, на задниот дел од автомобилот ќе биде поставена камера со висока резолуција, која во реално време ќе пренесува поглед на улицата и другите учесници во сообраќајот. Видеото ќе се емитува на екранот кој ќе се наоѓа во кабината на возилото, а најверојатно и на местото каде што се наоѓа централниот ретровизор кај другите автомобили.
Дали камерата е подобра и побезбедна опција
Својата необична идеја инженерите ја оправдале со подобра видливост при возење, а со тоа и поголема безбедност за возачот и патниците во автомобилот. Камерата ќе обезбеди поголемо видно поле за 120 степени, а со тоа ќе ја намали можноста во вашата „слепа точка“ ненадејно да се појави друго возило. Исто така, со камера од овој тип, возачите нема да мора да се грижат за сјајот на фаровите на автомобилот што се движат зад нив.
Како што е наведено на порталот The Verge, ова идејно решение е и многу попрактично: пред сè, затоа што возачите можат да постават големи работи на задното седиште без да мислат дека тоа ќе им го блокира погледот. Дополнително, при дождливо или зимско време, возачите нема да имаат проблеми со намалена видливост поради снег, кал и слично, а на камерата нема да остане прашина или лисја кои паднале од дрвјата.