Автомобил удрил во авион на аеродромот во Сиднеј

На аеродромот во Сиднеј рано утринава по локално време се случила несреќа во која автомобил удри во патнички авион.

Станува збор за Ербас А320 на компанијата Џетстар, кој се влечел кон капијата во 5 часот и 30 минути по локално време кога од засега непознати причини бил удрен од пикап Мицубиши на службата за безбедност на аеродромот.

Во моментот на несреќата во авионот немало патници, а за Аделаида требало да полета во 6 часот и 40 минути. Возачот на автомобилот не е тешко повреден, но сепак е пренесен во болница за укажување лекарска помош.

На фотографиите се гледа дека автомобилот бил „заглавен“ под моторот на авионот и дека претрпел значителна штета.

Поради инцидентот откажани се неколку летови.

Авионот е испратен на здравствена проверка за да се процени неговата состојба, а австралиските медиуми објавија дека штетата изнесува повеќе од 330.000 долари.

Причината за несреќата се истражува.