Франција започна голема операција во Нова Каледонија

Целта на операцијата е да се преземе контролата над 60-километарскиот главен пат меѓу Нумеа и аеродромот, изјави францускиот министер за внатрешни работи.

Франција започна голема операција во која учествуваа повеќе од 600 специјалци за да ја врати контролата врз патот меѓу главниот град на Нова Каледонија Нумеа и аеродромот на француската прекуморска територија, каде шест лица загинаа во немирите.

Францускиот министер за внатрешни работи, Жералд Дарманен, доцна синоќа на X објави дека е започната „голема операција во која учествуваат повеќе од 600 специјалци, од кои сто се членови на GIGN“, елитна тактичка единица на специјалната единица.

Целта на операцијата е „да се преземе контролата над 60-километарскиот главен пат меѓу Нумеа и аеродромот“ во Тонтут, рече Дарманен.

Канцеларијата на високиот комесар на Франција на таа прекуморска територија на Тихиот Океан соопшти дека откако вчера уште едно лице го загуби животот, шестата жртва на насилство, „ноќта беше помирна, пред се благодарение на воведувањето мерки поврзани со вонредната состојба и значителното пристигнување на засилувања“, пренесуваат француските медиуми.

Досега се приведени 230 бунтовници, а на островот Кајо е на сила забрана за собирање и полициски час.

Градоначалничката на Нумеа, Соња Лагард, рече дека Нова Каледонија е „под опсада“ и дека се запалени бројни јавни згради и дека и покрај доаѓањето на засилување од неколку стотици полицајци, ситуацијата е „далеку од мирна“. објави BFMTV.

Според неа, последните две ноќи биле помирни, но состојбата не се подобрила во текот на денот и покрај сите повици за смирување на ситуацијата.

„Можеме ли да кажеме дека сме во опколен град? Да, мислам дека можеме да го кажеме тоа. Ова е пустош“, прецизира Лагард и додаде дека на безбедносните сили „треба да им се даде малку време“ да ја нормализираат ситуацијата.

Немирите започнаа минатата недела откако пратениците во националното собрание во Париз гласаа за промена на законот за да им се овозможи на повеќе француски граѓани да гласаат на локалните избори во Нова Каледонија, што според домородните лидери ќе го неутрализира политичкото влијание на домородците.

Француските власти објавија дека во саботата, на 17 мај, шестото лице е убиено од почетокот на немирите, а двајца се повредени при размена на оган на барикадата на северот на оваа француска прекуморска територија.

Претходно беше потврдено дека загинале тројца домородци од Канак на возраст од 17 до 36 години и двајца полицајци.

Контингент од 1.700 полицајци веќе пристигна на островот.

На фотографиите од Нова Каледонија објавени во медиумите и на социјалните мрежи се гледаат изгорени автомобили, импровизирани блокади на патиштата и долги редици пред супермаркетите.

Властите прогласија вонредна состојба која вклучува ноќен полициски час, како и забрани за јавни собири, продажба на алкохол и носење оружје.