Американската амбасадорка Анџела Агелер денеска истакна дека во однос на ставањето на поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев на „црната листа“ на САД поради корупција, не станува збор за сомнеж, туку за цврсти докази дека тој бил вмешан во коруптивни активности и тоа во повеќе случаи, јави Дојче веле.
– Ова не се сомнежи. Ние точно знаеме што направил Анѓушев, вели Агелер.
На денешниот брифинг со новинарите, Агелер во однос на најавата на Анѓушев дека ќе се жали на одлуката, рече дека тој веќе го сторил преку свој адвокат во САД, но тоа ништо нема да смени.
Американската амбасадорка го оцени како позитивен чекорот на Владата да предложи закон со кој автоматски ќе се отвора истрага во земјава секое лице кое ќе се најде на „црната листа“ на САД, што досега се практикуваше за листите на ЕУ и ОН.
Агелер напомена дека во Северна Македонија постои епидемија на корупцијата, присутна е во сите пори на општеството и е значително зголемена во изминатите десет години. Потсети дека во изминатите 32 години колку двете земји имаат меѓусебни односи, САД издвоиле речиси 500 милиони долари за владеење на правото и добро владеење во Северна Македонија, а, како што рече „гледаме епидемија на корупција во земјата“.
-Има епидемија на корупција во оваа држава. Таа е во секој сектор, секоја организација, и само со именување на корумпираните актери ние можеме да почнеме да ѝ помагаме на оваа земја да се справи со тоа, рече Агелер.
Американската амбасадорка додаде дека „црната листа“ на САД на која, само во последните 8 месеци, се најдоа повеќе познати имиња на политичари и бизнисмени е обид да им се помогне на македонските власти да почнат да се справуваат со проблемите.
Она што најмногу ја збунува американската амбасадорка, како што вели, е фактот што по секое објавено ново име на т.н. „црна листа“, „никој во Северна Македонија не е изненаден, ниту меѓу граѓаните ниту меѓу официјалните претставници“.
Таа рече и дека јуни годинава, кога САД го ставиле струшкиот градоначалник Рамиз Мерко на црната листа, досега, ниту еден македонски правосуден орган или институција не се обратила до нивни колеги во САД да побараат споделување на доказите, со цел да се отвори постапка и во земјата за лицата кои се на листата, објави Дојче веле.