Агелер: Топката е во вашиот терен, одлуката е на граѓаните и на лидерите да одлучат да го продолжат патот кон ЕУ

– Многу се надевам дека пратениците, лидерите и членовите на сите политички партии повторно ќе го препознаат овој клучен момент за оваа земја и ќе донесат одлуки кои се за доброто на граѓаните, а не во интерес на нивните политички или лични аспирации. Оваа земја може и ќе има огромна корист од членството во ЕУ и членството во широката трансатлантска заедница. 

Ова е одговорот од амбасадорката на САД во Република Северна Македонија, Анџела Агелер, која гостуваше во „Вести плус“ на Канал 5 телевизија, на прашањето во врска со најавите од опозицијата дека нема да гласа за уставните измени.

– Tоа е државна цел на оваа земја  и речиси 80 проценти од граѓаните во оваа земја сакаат да бидат дел од ЕУ. Патот напред е многу јасен и повторно се надевам дека лидерите и избраните функционери, кои беа избрани со цел да ја направат вистинската работа за доброто на своите граѓани, да ги направат тие тешки избори сега и да ја придвижат својата земја напред кон поголема стабилност, просперитет и можности, рече Агелер.

Повторно се надевам, потенцира таа, дека граѓаните ќе побараат од своите народни избраници и од лидерите на политичките партии да го сторат она што е правилно оваа земја да продолжи кон ЕУ, затоа што тоа е стратешката цел на граѓаните и била уште од осамостојувањето и се надевам дека тие повторно, лидерите избрани од граѓаните ќе смогнат сила да продолжат напред правејќи ги измените.   

– И мојата надеж повторно e дека ќе гледаме кон иднината, а не во минатото. И без негодувања, да се фокусираме на она што треба да се направи. Како што велиме ние во САД со сета почит во однос на политичкиот и историски контекст, топката е во вашиот терен. Одлуката е на граѓаните и на лидерите на оваа земја да одлучат да го продолжат патот кон ЕУ. И многу е важно дека единствениот начин да се одбегнат притисоците од било кој европски центар или неговите водачи, е придружување на ЕУ. Тоа се моите очекувања за оваа земја, порача амбасадорката Агелер.  

За начинот за решавање на спорот со Бугарија, односно прифаќањето на т.н. Француски предлог, амбасадорката вели дека по разговорите со политичарите кои биле дел од преговорите, ова била најдобрата зделка за земјата.

– Мораат лидерите на двете држави да бидат способни да продолжат понатаму. Тоа е најдобриот интерес за земјата, да се решат меѓусебните разлики, да се исполнат обврските преземни минатото лето и да бидам искрена, јас не бев тука минатото лето. Не бев дел од групата која што го ревидира Францускиот предлог и кои што одлучија да продолжат согласно предлогот, но разговарав не само со американската страна туку и со овдешните лидери кои што беа дел од преговорите и тие се чувствуваа многу сигурни дека позициите кои беа понудени се најдобрата можна зделка за земјата да продолжи напред со преговорите. Затоа сега прашањето е како да се продолжи кон ЕУ, затоа што тука лежат изворите на сите можности за економски раст на оваа земја кои верувам дека и се потребни и ги сака. Затоа се надевам дека ќе престанеме да гледаме во минатото и гледано од историски контекст да престанеме да се грижиме за поплаките и компомисите во минатото, и наместо тоа да гледаме во иднината, рече Агелер.

Додаде оти верува дека историчарите ќе се навраќаат на овој момент во иднината како на еден многу критичен момент за земјата и ќе гледаат кон лидерите на различните партии и како тие се однесувале, дали го оправдале нивниот избор или ќе ги презираат.

Во врска со перспективата на односите со Бугарија, амбасадорката Агелер истакна дека е важно да се знае оти и двајцата, новиот премиер и претходниот премиер, покажале намери дека сакаат да ја видат оваа земја како дел од ЕУ. 

– И ги држам за збор, но од моја перспектива важно е што оваа земја и нејзиното раководство прават сега, а не што се случува во Софија. Разбирам дека постојат потешкотии, но преговорите помеѓу С Македонија и Бугарија се од билатерален карактер и мораат да бидат, рече Агелер.

Американската амбасадорка за изјавите на одделни политичари дека може повторно да се преговара за Договорот за добрососедство со Бугарија, потсети дека Европската унија беше кристално јасна за тоа што се бара од Скопје за да се придвижи напред кон интеграцијата и да биде целосно рамноправна членка на евро-атлантската заедница. 

– Тоа ќе се постигне со исполнување на обврските од договорот постигнат минатото лето и со тоа да оди напред низ разните пристапни процеси. Лажна вест е тоа дека некој може да го репреговара договорот постигнат минатото лето. Тоа е лажна вести. Исто така лажна вест е дека е можен подобар договор кој сè уште не сме го откриле. амбасадорот на ЕУ овде во Скопје Гир, но и Брисел беа многу јасно дека ова се барањата за одење напред. Така што уште еднаш, наместо да биде заглавени во историски прашања и контексти, тоа што е барање на граѓаните од политичарите кои ги избрале, е тие да работат за нивните интереси и да ја придвижат земјата кон Европската унија. Тоа е местото каде што се можностите за економски раст, образование, социјала, трговија и многу други можности постојат. И навистина искрено за надевам дека тие ќе ги направат тешки одлуки, вели Агелер.

Според неа, корупцијата продолжува да биде еден, ако не е најголем предизвик со кој се соочува земјава.

– Беше и кога бев тука порано. Искрено, има системски проблем уште од независноста пред 31 година. Затоа не можеме да обвиниме само една Влада или институција, истакна амбасадорката на САД.

Одговарајќи на прашањето дали гледа желба кај властите да се борат сериозно со криминалот и корупцијата, таа нагласи дека „е разочарана“.

– Тоа е одговорност на судството и секоја влада и да бидеме искрени кон граѓаните, корупцијата не се случува сама од себе. Не можам само јас да бидат корумпирана. Тоа е производ на одлуки на поединци, на граѓани и официјални и лица. Искрено се надевам на вистинска промена, потенцира Агелер. 

Додаде дека евроинтегративниот процес ги адресира токму овие прашања и оти тоа ќе биде од огромна помош.

– Гледам дека оваа земја се соочува со огромни предизвици, а народот и владите направија големи жртви. Кога заминував од Скопје во 2013 година да ми кажеа дека земјата ќе го промени името со цел да се зачлени во НАТО немаше да поверувам дека тоа е возможно, рече меѓу другото американската амбасадорка Анџела Агелер.