Адеми – Криезиу-Хисени: Интеграцијата во ЕУ е заедничка цел на Скопје и Приштина

Интеграцијата во ЕУ е заедничка цел на Скопје и Приштина. Република Северна Македонија од позиција на членка во НАТО дава поддршка и за зачленувањето на Косово во Алијансата, истакнал претседателот на собраниската Комисија за европски прашања Арбер Адеми на денешната средба со делегација на Комисијата за надворешна политика и дијаспора на косовското Собрание, предводена од претседателката на ова тело Арбереше Криезиу – Хисени.

На средбата со косовските пратеници, се наведува во соопштението од Собранието на РСМ, на која присуствувале и други членови на Комисијата, Адеми рекол дека Северна Македонија го поддржува членството на Косово и во другите меѓународни организации во кои веќе членува нашата земја, затоа што, како што посочил, ние сме дел од Европа.

Косовската пратеничка Криезиу – Хисени забележа дека Косово моментно е во специфична ситуација, односно на своевидна политичка крстосница, но дека, и покрај се, општеството треба да се ориентира и кон други прашања кои се од интерес на државата. Таа нагласила дека очекува поддршка од Република Северна Македонија во процесот на зачленување на Косово во НАТО. Верувам, рекла таа, дека ќе ве следиме на патот кон ЕУ, како и во другите меѓународни организации каде што веќе сте членки.

Пратеничката од Косово Тиме Кадрија забележала дека и покрај предизвиците со кои се соочуваат двете земји на интегративниот пат, Северна Македонија е во поповолна позиција поради членството во НАТО.

Бахрим Шабани, како претставник на Бошњаците во Собранието на Косово, истакна дека тамошните немнозински заедници ги поддржуваат косовските институции и дека се интегрирани во системот од сите аспекти.

Пратеничката Санела Шкриељ, се наведува во соопштението, оценила дека и искуството на РСМ докажува дека инклузијата на помалите заедници е од посебно значење за развој на демократските процеси и за релаксирање на меѓуетничките односи. Унапредувањето на правата на сите заедници, рекла таа, всушност е еден од битните сегменти на интеративниот процес.

Пратеничката Жаклина Пешевска оценила дека надворешниот притисок врз нашите држави во однос на интеграциите, веројатно, ќе бил послаб доколку постоел внатрешен консензус. Таа забележала и дека одолговлекувањето на процесот на зачленување во ЕУ придонел за раст на евроскептицизмот во земјава.

Пратеничката Моника Зајкова, пак, рекла дека би било добро Западен Балкан да се интегрира во пакет во ЕУ, затоа што на тој начин би се избегнале пречките со кои се соочуваат одредени земји поради односи со соседите.