Акар: Сите воени капацитети отворени се за цивили погодени од земјотресите

Турскиот министер за одбрана Хулуси Акар изјави дека 7.500 турски војници учествуваа во акциите на пребарување и спасување во погодените региони на југот на земјата, а дека во текот на наредниот ден ќе им се придружат уште 1.500 војници, јавува ТРТ.

Акар се обрати пред новинарите во Центарот за координација со вонредни ситуации во Хатај и истакна дека Турските вооружени сили се ангажирани по налог на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган непосредно по вчерашните земјотреси.

Истакнувајќи дека Туркије се соочува со голема катастрофа, Акар рече дека целата нација стои рамо до рамо и дека со заеднички напори народот и државата ќе ја пребродат и оваа катастрофа.

Тој рече дека Турските вооружени сили ги ставија на располагање персоналот и опремата за потребите на акциите за пребарување и спасување по потресите.

„Сите единици, центри и гарнизони во подрачјето погодено од земјотрес потполно се отворени за цивили“, рече Акар.

Тој нагласи дека турската војска е со својот народ и во ваква ситуација, токму како што е и во борбата против тероризмот.

„Испраќаме вкупно девет батаљони на командоси од западот. Ќе дојдат и четири наши батаљони од Турската Република Северен Кипар“, најави Акар, говорејќи за понатамошните планови на активности во регионите погодени од земјотресите.

Укажувајќи дека помошта и понатаму доаѓа од пријателските и сојузничките земји, Акар рече дека на координација на тие активности работат надлежните турски министерства за одбрана и надворешни работи.

Земјотрес со јачина од 7,7 степени по Рихтер во понеделникот рано наутро го погоди југот на Туркије.

Епицентарот на земјотресот е регистриран во Пазарџик во Кахраманмарас. Областите Газиантеп, Шанлиурфа, Дијарбакир, Адана, Адијаман, Малатја, Османије, Хатај и Килис се тешко погодени од земјотресот.

Потоа нов земјотрес со јачина од 7,6 степени по Рихтер во понеделникот го погоди Елбистан, исто така во Кахраманмарас.

Според последните официјални информации во разорните земјотреси во Туркије загинаа 5.894 лица, додека 34.810 се повредени.

Од последиците на земјотресот и во соседна Сирија животот го загубија најмалку 1.782 лица, а илјадници се повредени.