Активен пожарот во Бељаковце во регионот на Куманово

Три екипи, две од Куманово и една од Старо Нагоричане сè уште го гасат пожарот кој вчера попадне избувна во село Бељаковце, соопштија денеска од ТППЕ Куманово.

Пожарот од Бељаковце е згаснат, но има два крака кои се спуштени во две соседни села Стрезовце и Довезенце. Зафатена е поголема површина на сува трева и стрниште“, изјави командирот на ТППЕ Куманово, Дејан Илиевски.

Вчера, пожарот се приближи до напуштени куќи, пожарникарите интервенираа и спречија огнот да зафати објекти.

И минатата недела имаше пожар во ова село во кој беше зафатена поголема површина и интервенираа повеќе противпожарни екипи од четири општини Куманово, Старо Нагоричане, Кратово и Ранковце како и „ер тракторот“ на Дирекцијата за заштита и спасување и хеликоптерот на МВР кој истури над 20 тони вода.

Кумановската противпожарна единица ноќва интервенирала и на пожар во кој била зафатена сува трева, ниска шума и грмушки помеѓу селата Доброшане и Шупли Камен.