Албанска министерка за здравство: Над 36 илјади домашни и странски туристи добија услуга во летните здравствени центри
Албанската министерка за здравство Оргета Манастирлиу објави дека од 15 јуни, кога беа ставени во функција 30- те летни здравствени центри, услуга добиле 36.592 домашни и странски туристи.
Во видео објава на Фејсбук додава дека „квалитетни услуги, од квалификуван персонал, добиле туристи долж крајбрежјето и областите за планински туризам”. Таа сподели изјави на лекарите кои опслужуваат во овие центри, но и на туристи кои добиле услуга.
– Дури 96 отсто од туристите кои ги добиле услугите во овие центри не биле префрлени во болници, бидејќи ја добиле соодветната и квалификувана услуга во здравствениот дом во близина на одморалиштето, наведува таа.
Според лекарите годинава бројот на оние кои побарале услуга е многу поголем во однос на другите години, што е разбирливо поради поголемиот бран туристи.
– Покрај здравствените центри Националната итна помош е целосно подготвена да одговори на сите повици за медицинска помош на единствениот број 127, посочува министерката.
За седум месеци Албанија ја посетиле 5,1 милион странски туристи, што е за 31 отсто повеќе во споредба со истиот период минатата година.