Албанскиот туризам има потреба од100 илјади работници, се пополнува со лица од азиските земји 

– Поради одливот на квалификуван кадар, главно во Германија и Грција, Албанија пати од голем недостиг на работна сила, јави Топ чанел.

– Албанскиот туризам има потреба од 100 илјади работници. До сега имаме резервации на 80 отсто од капацитетите, но голема главоболка ни претставува обезбедувањето на квалификуван но и друг персонал, изјави Рахман Каса, претседател на Албанскиот туристички сојуз.

Според него на неполни два месеца од почетокот на летната туристичка сезона, кога  се очекува да пристигнат првите чартери со туристи,  тур-операторите се максимално ангажирани во обезбедувањето кадар кој ќе дава квалитетна услуга.

Стравуваат, додава тој, со ангажирање на лица од азиските земји, колку тие ќе бидат на потребното ниво на квалитет.

– Квалификуваните луѓе избегаа во Германија и Грција, бидејќи таму бараат келнери со плата од 1.000 евра плус сместување и храна обезбедена од сопствениците. Ние почнуваме со ангажирање на странци, главно од азиските земји. Ако сме ги достигнале стандардите во однос на сместувањето, тие мора да се оправдаат, ги зголемивме и цените, но ако не ги вратиме со квалитетна услуга, ќе имаме лоша ривиера, изјави Рахман.

На средба на тур-операторите се разговарало за создавање капацитети и субвенционирање на субјектите кои работат само 6 месеци, а во текот на зимата се принудени да ја затворат дејноста.