Александар Вулин ставен на црната листа на САД: Директорот на БИА и поранешен министер во Србија обвинет за вмешаност во трговија со дрога

Канцеларијата за контрола на странски средства на Министерството за финансии на САД (OFAC) денес воведе санкции за директорот на БИА и поранешен министер за внатрешни работи на Србија, Александар Вулин, пишуваат соседните медиуми.

Александар Вулин е осомничен за коруптивни активности, пред се за ширење на руското малигно влијание во Србија.

Според извештајот што го објавија српските медиуми, Александар Вулин е вклучен во меѓународен организиран криминал, трговија со дрога и злоупотреба на јавна функција.

Александар Вучиќ и Александар Вулин

Неговите постапки, како што се наведува, промовирале корупција во државните институции во Србија, а под тоа се подразбира злоупотреба на положбата за лични интереси, а тоа вклучува и вмешаност во трговијата со наркотици.

Министерството за финансии нема да се двоуми да ги таргетира оние кои ги злоупотребуваат своите позиции за лична корист, притоа поткопувајќи го ефективно и демократско владеење на Западен Балкан“, изјавил потсекретарот за тероризам и финансиско разузнавање на Министерството за финансии на САД, Брајан Е. Нелсон.

Александар Вулин е одговорен за коруптивните и дестабилизирачки акти кои ги овозможија злонамерните активности на Русија во регионот. Овие дела вклучуваат користење на неговиот авторитет за лична корист, вклучително и вмешаност во синџир за трговија со дрога. Тој ја искористи својата позиција за да ја поддржи Русија, олеснувајќи ги злонамерните активности на Русија кои ја деградираат безбедноста и стабилноста на Западен Балкан и обезбедувајќи и на Русија платформа за натамошно влијание во регионот“, се вели во соопштението.

Во извештајот се додава и дека сите негови средства во САД сега се блокирани.

Сите средства и интереси во имотот на лицето опишано погоре лоцирано во Соединетите Американски Држави се замрзнати и мора да се пријават во OFAC. Дополнително, се блокираат сите средства што се во сопственост над 50 проценти на санкционираното лице, индиректно или директно“, се наведува во образложението, што го пренесуваат соседните медиуми.

Дополнително, финансиските институции и други лица кои вршат одредени трансакции или активности со казнето лице може да бидат предмет на санкции или извршни дејствија, според заклучокот на Министерството за финансии на САД.