“АЛЕКСАНДАР ВУЧИЌ Е ВЛАДИМИР ПУТИН“ – Погледнете како угледните странски медиуми известуваа за големите протести во Белград

Голем број угледни странски медиуми и медиумски агенции известуваа за протестите што се одржаа во неделата на улиците на Белград, главниот град на Србија. Поддржувачите на опозициската коалиција „Србија против насилството“ се обидоа да влезат во зградата на Градското Собранието на Белград, но беа спречени од полицијата и жандармеријата. Опозицијата и нејзините поддржувачи тврдат дека претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ и владејачката коалиција предводена од Српската напредна партија (СНС) ги украле парламентарните и локалните избори што се одржаа на 17. декември.

Да потсетиме, СНС на парламентарните избори освои 128 пратенички места (48,01 отсто од гласовите), а на локалните избори во Белград 49 места (39,98 отсто од гласовите). Коалицијата „Србија против насилството“ на парламентарните избори освои 65 пратенички места (24,36 отсто од гласовите), а на локалните избори во Белград 43 места (35,50 отсто од гласовите).

слика
Протест во Белград

Медиумската агенција Reuters напиша дека илјадници граѓани се собрале во Србија на неделниот протест и дека демонстрантите побарале да се поништат парламентарните и локалните избори.

BBC напиша дека антивладините демонстранти се обиделе да го освојат Градското Собрание на Белград

Полицијата употреби солзавец за да ги растера граѓаните кои протестираа против наводните нерегуларности на парламентарните избори“, пишува BBC и додава: „Опозициските активисти тврдат дека полицијата употребила прекумерна сила во неделата. Еден од лидерите на опозицискиот фронт, Радомир Лазовиќ, изјави дека полицајците го удирале него и голем број други лица со палки“.

ABC News ја објави својата вест за протестите во Србија со наслов: „Српската полиција употреби солзавец кон анти-изборните демонстранти“. ABC News јавува дека полицијата употребила солзавец кон демонстрантите додека стотици од нив се обиделе да влезат во зградата на Градското Собранието на Белград. Овој американски медиум ја пренесе изјавата на претседателот на Србија кој порача дека протестите се организирани од странство и дека 35 лица се уапсени за учество во протестите.

Угледниот весник The Guardian наведе дека меѓународните набљудувачи оцениле дека парламентарните и локалните избори во Србија што се одржаа на 17. декември биле нефер. Меѓународните набљудувачи велат дека СНС е во поповолна позиција благодарение на медиумите и дека Александар Вучиќ неправедно влијаел на изборите и дека владејачката партија купувала гласови.

слика
Протест во Белград

Sky News пишува дека Александар Вучиќ ги нарекол демонстрантите „насилници“ и дека тврдел дека одржаниот протест не е „револуција“ и дека опозицијата „нема да успее“. Sky News соопшти и дека меѓународните набљудувачи изјавиле дека изборите во Србија не биле фер и дека демонстрантите во неделата фрлале со јајца врз зградата на Градското Собрание во Белград. Некои демонстранти наводно извикувале – „Александар Вучиќ е Владимир Путин“.