Алиу: Систематизација максимум два пати годишно, нема веќе привремени вработувања и менување на графата со етничка припадност

 – Нема веќе привремени вработувања, се укинува позицијата „државен советник“, систематизација ќе може да се реализира само два пати годишно, полињата за матичен број и националност ќе биде невозможно да се менуваат, а државни секретари, директори и заменици директори ќе се бираат низ отворена, транспарентна постапка. Ова се само некои од новините за реформи во администрацијата и јавниот сектор, предвидени со законските измени што ги подготвува Владата.

Како што рече вечерва министерот за информатичко општество и администрација Азир Алиу, петте закони, за административни службеници, за вработени во јавниот сектор, за високо-раководна служба, за АВМУ и за дигитална агенција, се веќе во владина постапка и се очекува многу брзо да бидат испратени до Собранието. Притоа, сите се со европско знаменце.

-Тука сме да креираме законска рамка компатибилна со европските вредности. Ценам дека треба да креираме закони според вредностите на ЕУ, а не да калкулираме колку гласови ќе изгубиме. За седум месеци овие закони кои со години не беа реализирани, се при крај. Се очекува законите деновиве да бидат изгласани на владина седница. Очекувам до 2 ноември, кога има собраниска седница, да завршат владините процедури и законите да бидат ставени на седница во Парламентот, истакна Алиу во гостувањето на Топ Тема, образложувајќи дел од новините што ги предвидуваат законите.

-Целта на законот за високо-раководна служба е да се креира модел врз начелата на рационалност, демократичност и транспарентност. Идејата е законот да се ограничи на државните секретари во министерствата, на директори и заменици директори. Нема да бидат опфатени локалната самоуправа и институциите во надлежност на Собранието. „Државни секретари“, „директори“ и „заменици директори“ треба да се професионални позиции, а дали ќе биде личноста политички обоена или не, тоа и во ЕУ не е тема на разговор. Важно е профилот да е компатибилен со работното место и процедурите да бидат отворени и транспарентни. Се надеваме дека така ќе стигнеме до професионализација на јавната администрација. Сигурен сум дека на таков начин ќе дојдеме до позиции, до тоа – профилот на директорот да биде согласно барањата и описот на работното место.  Во законот за вработени во јавниот сектор има неколку новини – сите вработени во јавниот сектор ќе може секоја недела да аплицираат и да полагаат испит за административен службеник, полињата за матичен број и националност ќе биде невозможно да ги смените ако се еднаш внесени за да се елиминира злупотреба. На раководни места нема да има веќе можност за вработување на определено време  или вработување преку агенции за привремени вработувања, тоа ќе биде забрането. Новина е и тоа што систематизацијата ќе биде можна само два пати годишно за сметка на зголемување на процентот, сега е максимум 10, а ќе биде до 50 отсто, објасни министерот.

Важни точки во законот за административни службеници се тоа што ќе има додаток на плата за службеници кои се битни за институцијата, односно менаџерот ќе може за десет до 30 проценти еднократно или континуирано да му ја зголеми платата на вработениот, а се предвидува и надоместок за ИПА структурите – тие што ќе работатат на европски проекти ќе може добијат надоместок на плата од 15 – 45 отсто.

-Ќе има и замрзнување на работното место државен советник  – кога ќе се пензионира или ќе излезе досегашниот, тоа работно место ќе биде затворено, нема веќе да има државни советници, истакна Алиу.

Во врска со кратењето на администрацијата и рационализацијата, Алиу истакна дека тоа многу ќе зависи од реформите.

-Ако ме прашувате денес колкава ќе биде јавната администрација во 2030 година, несериозен ќе бидам ако кажам бројка, таа бројка мора да дојде како резултат на реформа. Некои позиции се стари, ќе треба да се креираат нови. Има околу 1 300 институции и некои од нив ќе треба да се спојат, но процесот бара анализи. Повеќе институции кои треба да се спојат се креирани со посебни закони, дел од експертие мислат дека пречка е линијата на отчетност – не се знае кој креира политики, а кој ги имплементира. Во овој момент, тие институции или се преклопуваат една со друга или даваат отчет на друга институција, подвлече Алиу.

Трите министерства кои се пилот за законот за реорганизација на администрацијата, информира, се при крај со функционалната анализа.