Алкараз ги пречека Медведев и Зверев! Спектаклот е загарантиран!

Легендарниот тенисер и тренер на европскиот тим Бјорн Борг гради тим за овогодинешниот Лејвер куп кој од 20 до 22 септември ќе се одржи во Берлин.

На младиот шпански тенисер Карлос Алкараз му се придружија Русинот Даниил Медведев и Германецот Александар Зверев.

Тимот на крајот ќе се состои од шест члена, а сите играчи мора да одиграат најмалку еден сингл натпревар во првите два натпреварувачки дена, но не повеќе од два, за време на турнирот во Германија.

Победник е тимот што прв ќе достигне 13 бода, а секој освоен натпревар во петок вреди еден, во сабота два, а во недела три бода.

– Овие играчи имаа неверојатен почеток на годината, а ова е навистина силно прво полувреме на нашиот тим. Воодушевен сум што имам вакви шампиони во тимот –  изјави славниот Бјорн Борг.

Претходните две изданија отидоа во Тим Свет, прво во Лондон, на збогувањето од тенисот на Роџер Федерер, а потоа и во Ванкувер минатата година.