Алтун:Турција напорно работи на обнова на областите погодени од земјотресот

Турција работи напорно на обновување на јужните области погодени од силните земјотреси од минатиот месец и на залечување на раните на жртвите, рече Фахретин Алтун, шефот на Дирекцијата за комуникации на претседателот на Турција, јави ТРТ Балкан.

„Напорно работиме за да ги обновиме сите 11 области. Нашата држава ниту порано не ги оставаше сами граѓаните во Ван, Елазиг или Измир. Исто така, ќе бидеме со нашите браќа и сестри кои се погодени од „катастрофата на векот“, рече Алтун на завршниот панел во Брисел, во рамките на собирот под називот „Солидарност за надминување на катастрофата“, што се одржа во организација на Европскиот парламент.

„Во таа смисла, ги острануваме раните и штетата нанесена на екононскиот живот на регионот, демографијата, културата, историското наследство и животната средина“, додаде Алтун.

Земјотреси со јачина од 7,7 и 7,6 степени на 6 февруари погодија 11 турски области – Адана, Адијаман, Дијарбакир, Елазиг, Хатај, Газиантеп, Кахраманмараш, Килис, Малатија, Османије и Шанлиурфа, при што загинаа повеќе од 48.000 луѓе.

Повеќе од 13,5 милиони луѓе во Турција се погодени од разорните земјотреси, како и многу други на северот на Сирија.

Истакнувајќи дека Турција минува низ тежок период, Алтун рече дека цела Туркије силно е погодена, иако епицентарот на земјотресите беше во Кахриманмараш.

„Дури и луѓето кои немаат врска со тој регион беа длабоко погодени. И покрај тежината на овој товар и тест, турската држава и народот заедно повторно застанаа на свои нозе“, рече Алтун.

Како што рече, со сите свои институции и во координација на националната агенција за управување со катастрофи АФАД, Турција покрена спасувачки напори и почна да ги решава основните потреби како што се храна и сместување.

„Истовремено, нашите пријатели во странство, вклучувајќи многу европски влади, одговорија на апелите на Турција. Испратија помош и ангажираа тимови за пребарување и спасување за да се спасат многу човечки животи.“

Алтун рече дека приоритетите на Турција се да се изградат безбедни и трајни станбени единици за преживеаните и да им ги врачи на граѓаните во рок од година дена.

„Како што нашиот претседател Реџе Таип Ердоган рече: „одлучни сме Турција да ја направиме најдобро подготвена земја во светот која најбрзо реагира, со заедничка совест, заеднички морал и заедничка визија“, додаде тој.

Меѓунродна помош

Алтун изрази благодарност до државите и луѓето кои ја поддржаа Турција во овој тежок момент.

„Многу земји испратија спасувачи во Турција. Испратија донации. Градат теренски болници и мобилни кујни. Високите функционери од многу земји изразија сочувство телефонски или лично. Ги посетија нашите амбасади да остават пораки на поддршка. Земјите организираа акции за собирање средства за помош во случај на земјотреси. Постои една убава поговорка која вели: „Вистинските пријатели се познаваат во неволја“ “, рече Алтун.

Како што додаде, пандемиите, војните и катастрофите предизвикуваат глобално влијание и потребно е поради тоа да развијат нов модел на меѓународна соработка во борбата против таквите појави. Алтун истакна дека придаваат голема важност на претстојната донаторска конференција на Европската комисија.

„На овој настан посебно ќе биде искажана поддршката на европските држави кон Турција и ќе бидат собрани средства за долгорочни проекти наменети за луѓето кои ги преживеаа земјотресите.“

Европската комисија и Евроскиот совет, со кој претседава Шведска, на 20 март ќе бидат домаќини на конференцијата за поддршка на луѓето во Турција и Сирија погодени од неодамнешните разорни земјотреси.

Опасност од дезинформации

Алтун истакна дека Турција акредитирала околу 1.400 претставници на меѓународните медиуми за да тие можат да работат сигурно и удобно по земјотресите.

Тој додаде дека Дирекцијата за комуникации објавувала билтени за борба против дезинформациите на платформите на социјалните медиуми и директно одговарала на лажните вести. Турскиот парламент го усвои законот за борба против дезинформациите, напомена Алтун истакнувајќи дека многу држави во последите години почнале да ги согледуваат дезинформациите како голема закана.

„Се обидувавме да го запреме системското ширење на лажните вести на социјалните мрежи. Во тоа време некои луѓе ја критикуваа Турција, под изговорот на слобода на изразување.“

„Нашите европски пријатели посебно ја критикуваа Турција поради важното прашање како што е борбата против дезинформациите, но и самите преземаа многу слични мерки на претпазливост. Секако, тоа покрена одредени прашања. Меѓутоа, по земјотресите, стана јасно дека дезинформациите се закана по животите и имотот на луѓето, а не само на државната безбедност“, рече Алтун.

Глобалните компании за социјални мрежи, посебно Твитер, на почетокот имаа некои недостатоци, рече Алтун, додавајќи дека Турција во почетокот не ја добила доволната поддршка на таа платформа.

„Но по неколку состаноци, компанијата почна да обрнува внимание на дезинформациите. Сега одблиску соработуваме со Твитер“, рече Алтун.