Американците извршија воздушни напади врз Сирија

Американски воени авиони рано утринава започнаа воздушни напади на две локации во источна Сирија, на места каде што се лоцирани групи поврзани со Иранската револуционерна гарда, како одмазда за нападите врз американските војници во тој регион што започнаа минатата недела, соопшти Пентагон .

Според висок американски воен претставник, авионите Ф-16 извршиле прецизни напади во близина на Букамал, а магацини за муниција биле нападнати во области кои, како што рече, се поврзани со Иранската револуционерна гарда, пренесува АП.

Официјалниот претставник додаде дека на местото на нападот има милиции поврзани со Иран, како и членови на Револуционерната гарда, но нема цивили.

САД засега немаат информации за жртви или штети, додаде официјалниот претставник.

Тој додаде дека тие локации биле нападнати затоа што, како што наведе, Иранската револуционерна гарда складира „различна муниција што се користела во нападите врз американските бази и војници“.

Пентагон изјави дека имало најмалку 19 напади врз американски бази и војници во Ирак и Сирија од 17 октомври , вклучително и три напади извршени во четвртокот.

Бригадниот генерал на американските воздухопловни сили Пат Рајдер изјави дека 21 припадник на американската војска се повредени во два напади со беспилотни летала врз воздухопловната база Ал Асад во Ирак и воздухопловната база Ал Танф во Сирија.

 Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин објави дека „прецизните напади се одговор на серијата тековни и главно неуспешни напади врз американската војска во Ирак и Сирија од страна на групи поддржани од Иран“.

Тој нагласи дека американскиот претседател Џозеф Бајден ги насочил нападите за да биде јасно дека САД нема да толерираат такви напади и дека ќе го бранат својот персонал и нивните интереси, нагласувајќи дека овие операции се одвоени од војната на Израел против Хамас.

Остин рече дека САД не сакаат поширок конфликт, но дека ако групите сојузници на Иран продолжат да напаѓаат, САД нема да се двоумат да преземат дополнителни мерки за заштита на своите сили.

Пентагон соопшти дека припадниците на американските сили кои биле ранети во нападите добиле полесни повреди и се вратиле на должност, а американски изведувач починал од срцев удар додека барал засолниште за време на нападот со беспилотно летало.