Ана Павловска-Данева предложена за уставен судија, седницата на Комисијата за избори и именувања закажана во 12:30

Собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата за денеска во 12:30 часот има закажано седница со една точка на дневен ред – Предлог за избор на судија на Уставниот суд. 

Според објавеното на веб страницата на Собранието, за судија на Уставниот суд е предложена Ана Павловска-Данева, професорка на Правниот факултет во Скопје.

Вчера, во Собранието беше повлечен предлогот Љубомир Јовески да биде предложен за уставен судија. Тој во изјава за МИА кажа дека е изненаден од повлекувањето на предлогот без да се наведат основните причини за тоа. 

Пристојно е да се дадат два три збора. Нанесена ми е штета, ако не сметале дека може процесот до крај да го водат, не требало да ме предлагаат, бидејќи бев изложен на непотребни напади“, вели Љубомир Јовески, додавајќи дека сметал оти процесот е завршен бидејќи веќе година и половина не се покренувало ништо.