Анджеј Дуда загрижен за својата земја: “Префрлањето на Вагнер во Белорусија е лош знак за Полска!“

Префрлањето на членовите на групата Вагнер од Русија во Белорусија е негативен знак за Полска“, изјави денеска претседателот на Полска, Анджеј Дуда, непосредно пред да замине на средбата со другите лидери на НАТО во Холандија.

Гледаме што се случува, префрлањето на руските сили, односно групата Вагнер во Белорусија. И нивниот лидер оди таму, и сето тоа се многу негативни сигнали за нас. Ќе разговараме за нив со нашите сојузници“, изјави Анджеј Дуда.

По договорот постигнат доцна во саботата со кој заврши бунтот, на борците на Вагнер им беше дозволено да изберат меѓу три опции: да се приклучат кон редовните руски вооружени сили, да се преселат со нивниот лидер Евгениј Пригожин во Белорусија или едноставно да се вратат кај своите семејства.

Белорускиот претседател Александар Лукашенко денеска потврди дека Евгениј Пригожин допатува во Белорусија и додаде дека неговиот министер за одбрана Виктор Хренин го информирал дека не би имал ништо против единица, како Вагнер, да дејствува во рамките на белоруската Армија.

Претседателот му наложи на Виктор Хренин за оваа солуција да разговара со Евгениј Пригожин.

Александар Лукашенко додаде дека неговата земја сака да учи од военото искуство на руската платеничка група Вагнер.

Доколку нивните команданти дојдат и ни помогнат… да ни кажат што е важно во моментот… тоа е непроценливо. Тоа е она што треба да го земеме од Вагнер“, кажа Александар Лукашенко.