Вкупно 63,3 отсто од испитаниците во анкетата на Институтот за политички истражувања – Скопје позитивно гледаат на инцијативата „Отворен Балкан“, во која покрај Северна Македонија, членуваат и Србија и Албанија.
Истражувањето, спроведено за потребите на емисијата „Детектор“, покажува дека негативен став кон „Отворен Балкан“ имаат само 15,9 проценти од анкетираните граѓани.
Споредбената анализа со анкетата на ИПИС од 2020 година покажува раст на довербата на граѓаните во „Отворен Балкан“, имајќи предвид дека тогаш позитивен став кон инцијативата имале 42,4 отсто од испитаниците, а негативен 39,9 проценти.
Најпозитивен став кон оваа иницијатива имаат најмладите. Кај анкетираните на возраст под 30 години позитивно мислење за „Отворен Балкан“ имаат 70,9 отсто.
На прашањето со која земја во регионот имаме најдобри односи, 56,5 отсто од испитаниците ја посочиле Србија, а по неа следуваат Албанија со 11,3 проценти, Турција и Косово со по 3,3 отсто, Хрватска со 2,6, Словенија со 1,2, Грција со 1,1 и Бугарија со 0,9 проценти.
Од друга страна, како држава со која земјава има најлоши односи, 64,6 отсто од анкетираните ја посочиле Бугарија, а потоа следуваат Грција со 9,2, Албанија со 3,4, Србија со 2 и Косово со 1,2 проценти.
Анкетата на ИПИС е спроведена телефонски во периодот од 2 до 6 мај годинава врз репрезентативен примерок од 1112 испитаници.