Апелациониот суд ја одби жалбата на Груевски, а делумно ја уважи на Мијалков за „Плацеви на Водно“

– Апелациониот суд Скопје ги одби како неосновани жалбите на обвинетиот Никола Груевски и на правното лице ДТУОР Л.К.Ц. ДООЕЛ С., а делумно ја уважи жалбата на обвинетиот Сашо Мијалков за кривичниот предмет „Плацеви на Водно“. Истовремено, ја уважи жалбата на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.

Пресудата на Основниот кривичен суд Скопје КОК.бр.63/21 од 21.04.2022 година, во осудителниот дел под I од изреката, ја преиначи во делот на одлуката за кривичната санкција на начин што:

– на обвинетиот Н. Г. од С., за кривичното дело Перење пари и други приноси од казниво дело од член 273 ст.1 од Кривичниот законик, му се утврдува казна затвор во траење од 7- седум години, а за кривичното дело Противправно стекнување и прикривање имот од член 359-а став 1 од Кривичниот законик му се утврдува казна затвор во траење од 3 – три години и 6 – шест месеци и согласно чл.44 од Кривичниот законик, се осудува на единствена казна затвор во траење од 9 – девет години.

– на обвинетиот С. М. од С., за кривичното дело Перење пари и други приноси од казниво дело од член 273 став 1 в.в со член 24 од Кривичниот законик, му се изрекува алтернативна мерка – условна осуда така што одмерената казна затвор во траење од 1- една година и 3 – три месеци, во која му е засметано и времето поминато во притвор сметано од 22.12.2021 година до 29.12.2021 година се зема за утврдена и се определува дека истата нема да се изврши ако обвинетиот во рок од 4 – четири години по правосилноста на пресудата не стори ново кривично дело.

Првостепената пресуда КОК.бр.63/21 од 21.04.2022 година, во останатиот осудителен дел под I од изреката, е потврдено од Апелациониот суд.

Во однос на казните, за Груевски, Апелациониот суд Скопје оценил дека првостепениот суд недоволно ги ценел отежителните околности и ја уважил жалбата на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција по однос на изречената казна и одлучи како во изреката.

– По однос на обвинетиот С.М. од С. кој е помагач од член 24 на Кривичниот законик за кривично дело од член 273 став 1 кој не преземал реални дејствија и постапки, туку дејствијата му се вербални, за кое се огласени виновни и осудени Н.Г.од С., Ј.К.од С: 1 (една ) година затвор, Н.Ј. алтернативна мерка – условна осуда, Р.Н. од С. алтернативна мерка – условна осуда, па советот оцени дека првостепниот суд го повредил член 24 од Кривичниот законик, во кој е наведено дека помагачот се казнува исто или поблаго од сторителот на делото. Имајќи го во предвид член 24 од Кривичниот законик и во сооднос и корелација на казните на Н.Г. од С. (кој е во бегство),, Ј.К: – една година затвор, Н.Ј. алтернативна мерка условна осуда, Р.Н. Алтернативна мерка – условна осуда директни сторители со конкретни дејствија и постапки, како и одлуките на Врховниот суд на РСМ и Врховните судови на земјите од поранешна СФРЈ, одлучи како во изреката, стои во соопштението од Апелациониот суд.

Апелациониот суд ја потврди првостепената пресуда со која е конфискуван целокупниот недвижен имот во приближна вредност 3.000.000,00 евра.