Арсовска: Во Скопје има детални урбанистички планови кои тајно сакаат да ги донесат

Градоначалничката на Скопје Данела Арсовска побара хумано градење во градот, но и почитување на градежните стандарди, за да не се повтори она што се случи пред 60 години со катастрофалниот земјотрес.

Таа им се заблагодари на оперативците и ги повика сите присутни да се спротивстават на урбаната мафија. Таа нагласи дека во моментов се работи на Генералниот урбанистички план кој треба да биде водилка како ќе се развива градот во следните 10 години.

„Мораме да спречиме да се случи она што се случи. Многу е важно да се биде на линијата на фронтот за да се спречи изградбата на сеизмички несоодветни згради. Но, важно е да ги имаме и другите фактори кои мора да ги имаме, за развој на нашиот град. И ова е хумана градба, градот Скопје мора да се гради хумано“, рече Арсовска.

Таа ги повика присутните и вработените да направат се што мислат и можат, за да не се развива урбаната мафија во градот Скопје.

„Имавме средба со тимот во град Скопје и анализиравме и дојдовме до заклучок дека има детални урбанистички планови, кои сакаат да ги поминат низ институциите. Затоа, ве повикувам да зборувате, да ја дадете вашата експертиза секаде каде што е потребно“, додаде таа.