Шпанскиот фудбалски клуб Атлетико Мадрид следната недела ќе игра со Истанбул Бешикташ во хуманитарен натпревар за помош на настраданите од земјотресот во Турција.
– Доаѓаме во Истанбул да одиграме хуманитарен натпревар за погодените од земјотресите – објави денес Атлетико Мадрид на Твитер.
Од шпанскиот клуб потврдија дека натпреварот ќе се одигра на истанбулскиот Водафон парк во среда, на 12 април, со почеток во 19:30 часот по средноевропско време.
Бешикташ на својата веб-страница објави дека билетите ќе бидат пуштени во продажба во недела, а приходите ќе бидат наменети за помош за изградба на училишта во подрачјето погодено од земјотресот.
Повеќе од 50.000 луѓе загинаа во земјотресите што ги погодија Турција и Сирија на почетокот на февруари.